Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
НОВИ МЕРКИ ЗА ПОБЕЗБЕДЕН СООБРАЌАЈ ВО ОХРИД
Untitled Document

  Во склад со светските трендови и начинот на сообраќање во светските туристички центри, интенција на актуелната локална власт е да го редуцира сообраќањето во старото градско јадро  и во центарот на Охрид. Со тоа ќе се даде поголема важност во сообраќајот на пешаците, велосипедистите и моторциклистите, беше заклучено на дебатата за новиот систем на наплата при зонско паркирање и начинот на сообраќање во Охрид што синоќа се одржа во општина Охрид.

На настанот присуствуваше и градоначалникот Јован Стојаноски кој заедно со охриѓани ја следеше презентираната  микросимулација која се однесуваше на сообраќајот во централното  градско подрачје , а  дискутираше и  за изнаоѓање  најсоодветни решенија и спроведување мерки со цел да се надминат сообраќајните проблеми и потешкотии.
Според  Зоран Шикалоски од Фондот за комунални дејности ,сообраќај и улици при општина Охрид, спроведувањето на предвидените нови мерки ќе го олеснат сообрачањето низ улиците во централното градско подрачје,Охрид ќе биде многу попривлечна дестинација за туристите, а пешаците ќе бидат многу побезбедни. 

  • Се надевам дека по завршувањето на целата оваа постапка и започнувањето со функционирање на зонското паркирање и воведувањето на сообраќајното движење согласно показателите што ги добиваме од микроскопската симулација, ќе воведеме еден поголем ред во однос на одвивањето на сообраќајот и добивање подобра слика во однос на сообраќањето во централното градско подрачје. Знаете дека веќе 30-ина години бројот на површини наменети за динамички  и   статичен сообраќај во централното градско подрачје е ист. Во овој изминат период имаме зголемена градба, зголемен број на објекти кои привлекуваат дополнителни посетители, а нормално и степенот на моторизација од ден на ден  се зголемува. Сето тоа негативно делува во однос на целокупниот сообраќај во општината. Целта ни е со воведување на вакви мерки да имаме придобивки како во одвивањето на динамичкиот така и на статичкиот сообраќај. Динамичкиот и статичкиот сообраќај се многу тесно поврзани. Решавањето на проблемите со статичкиот сообраќај придонесува кон решавање на проблемите со динамичкиот сообраќај. Не треба да заборавиме дека до пред 10-ина години  во Светот имаше пирамида  на чиј врв беа моторните возила додека најранливите категории, пешаците и децата беа на најниско ниво. Сега во Светот таа пирамида се сврти сосема обратно. Сега на највисоко ниво се пешаците и велосипедистите, а на најниско моторните возила- изјави   Шикалоски.

 Доколку се спроведе новиот систем на паркирање и сообраќање во централното градско подрачје бројот на паркинг места нема да се зголеми туку ќе остане приближно ист на досегашниот .

  • Со воведување на ваквиот систем сакаме да имаме повеќе измени на исти паркинг места. По автоматизам ако на пр. на 600 паркинг места   имаме по пет измени добиваме 3 000 паркинг места. Моментално со една измена имаме 600 паркинг места. Во втората  фаза од спроведување на мерките ќе настојуваме сосема да се исклучува сообраќајот во стариот дел на градот . Постепено со изградба на катните гаражи, уличните паркинг места ќе ги пренаменуваме во велосипедски патеки и пешачки зони. Паркирањето ќе го истисниме од улиците. Ќе се паркира  во катните гаражи- вели Шикалоски според кој лошо е решението катна гаража да се гради во централното градско подрачје зад хотел „Ривиера“ како што беше предвидено затоа што на таков начин сообраќајот не би се редуцирал туку би се зголемил.
  • Во овој изминат период од 6-7 месеци работиме на лоцирање каде е најсоодветно да се градат катните гаражи. Мораме да најдеме најсоодветни места за тие гаражи, на пример на преодните улици како што е “Туристичка“ којашто има булеварско решение со две ленти. Така што брзо можеш да стигнеш и да заминеш од тоа место- додава Шикалоски.

Според планираните мерки за подобро и побезбедно сообраќање во централното градско подрачје предвидено е улицата „Македонија“ да стане пешачка зона и повеќе да не се користи како паркинг простор.

Јован  Христоски од фирмата „24 ИНГ“ која работи на идејното сообраќајно решение  и студија за централното градско подрачје на Охрид смета дека едно од подобрите решенија е улицата „Македонија“ да биде целосно затворена за сообраќај. Сепак периодов детално ќе се разгледуваат три решенија

  • Идејата беше да обработиме три варијантни решенија во централното градско подрачје во кои ќе ги анализираме , постојната состојба,  затворање на кејот „Македонија“ во едната варијанта и во третата варијанта движење со   комбинација на пешаци,  велосипедисти  и  возила. За сето тоа веќе изработивме само еден дел на симулација за одвивање на сообраќајот, како  ќе изгледа , а дадовме и  неколку предлози во однос на оформувањето на еднонасочни сообраќајници на коишто би го зголемиле бројот на паркинзи и секако формирањето на велосипедската мрежа. Од првичните сознанија досега дојдовме до заклучок  дека оформувањето на кејот како пешачка зона е она решение кон кое треба да се стреми градот Охрид- смета Христоски .  

 За новите сообраќајни мерки и електронското плаќање за зонско паркирање ќе се расправа и наредниов период.  Новиот начин на сообраќајно функционирање  како и висината на цените  при електронска наплата за зонско паркирање   пред евентуална примена  ќе мора претходно  да добијат и зелено светло  од градските советници.

(Претходно: ОПШТИНА ОХРИД ПРИСТАПУВА КОН НОВ НАЧИН НА НАПЛАТА ЗА ПАРКИРАЊЕ ВОЗИЛА)

Прочитано:  1411  пати
Објавено на: 01.06.18
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©