Безбедносната состојба во охридските основни и средни училишта е релативно добра но потребна е понатамошна поинтензивна соработка меѓу менаџерскиот тим на овие институции и полицијата со цел да се намалат одредени ризици и состојби кои предизвикуваат загриженост кај децата и родителите, ова беше заклучено на првиот работен состанок на Локалниот совет за превенција при СВР Охрид, што денес се одржа во општина Охрид, а на кој учествуваа Претседателката на општинскиот совет , Живка Ангелоска и заменик градоначалникот Константин Георгиевски.
На состанокот беше истакнато дека меѓуврсничкото насилство во охридските школи не е во голема мера присутно но дека дворните места во основните училишта “Христо Узунов“, „Григор Прличев“, „Методи Патче“ и гимназијата „Св. Климент Охридски“ се собиралишта за малолетници во вечерните часови кои се ризични групи за девијантно однесување. Според директорите на училиштата ангажирањето на чуварски служби или агенции за обезбедување ќе допринесат во голема мера да се намали девијантното однесување на лица во школските дворови.
На состанокот за навремено превенирање на меѓуврсничко насилство покрај инспекторите за работа со малолетници учествуваа и директори на основните и средни училишта,, претставници од подрачните центри за социјални работи и претставници од невладини организации.
Локалниот Совет за превенција при СВР – Охрид се формира на иницијатива на градоначалникот Стојаноски со цел полицијата и општината навремено да дејствуваат за решавање и надминување на одреден општествен проблем. |