Денес за 4816 ученици во основните училишта и 2052 средношколци, започна
новата учебна 2017-2018 година. Во ОУ “Христо Узунов“ повозрасните ученици
со мала свеченост им посакаа добредојде во училишните клупи на новите
првачиња. На свеченоста присуствуваше и се обрати градоначалникот Никола
Бакрачески, кој истакна дека возбудата што ја носи првиот учебен ден, е
подеднакво присутна кај децата, родителите и наставничкиот кадар, зато што
сите се свесни дека се наоѓаме пред првиот исчекор во образованието и
подигнувањето на нова генерација на ученици.
- Знам дека денес сите сме возбудени.
Нашите првачиња поради новиот квалитативен исчекор во нивниот живот;
Родителите оти нивните најмили од денес навлегуваат во сферата на знаењето,
кое во значајна мера ќе ги формира нивните карактери и ќе ги изгради како
личности, за кои се надевам дека сите ќе бидеме горди; Учителите,
наставниците и професорите и сите вработени во училиштето, зошто знаат дека
пред нив е уште еден предизвик да образуваат и подигнат уште една нова
генерација, која достоинствено ќе чекори низ животот. Јас сакам од овде да
испратам една порака:
За децата - и понатака бидете безгрижни, насмеани, разиграни,
љубопитни; За родителите од денес покрај нивната безгранична љубов кон
најмилите, да се “вооружат“ со многу повеќе такт, смиреност и добра воља,
кога ќе ги совладуваат првите лекции со своите првачиња; За учителите,
наставниците и професорите, само ќе посакам да ја имаат истата посветеност и
мотивираност и за оваа генерација, како и за претходните кои ги образуваа и
подигна како успешни ученици.
Почитувани присутни, ние како одговорна
локална власт вложувавме максимални напори - тоа несомнено ќе го
правиме и во иднина - да обезбедиме оптимални услови за работа во училишата
во нашата општина и непречено и квалитетно одвивање на воспитно образовниот
процес. Во изминативе четири години инвестиравме во скоро сите општински
училишта, а успеавме да формираме и нови образовни институции, со кои ги
проширивме можностите во стекнувањето на нови знаења и квлификации.
Дозволете ми од овде да посакам успешна и среќна учебна година и за сите
други ученици, а успесите на вашите деца драги родители нека бидат најдобар
дар и за вас и за нашата заедница – истакна во своето обраќање
градоначалникот Бакрачески.
Директорот на ОУ “Христо Узунов“, Тони Симоноски на првоодделенците им
посака среќен и успешен почеток на нивното образование, при тоа истакнувајќи
дека тие се максимално подготвени за новата учебна година.
- Оваа воспитно образовна установа, успешно
се носи со големите промени во образовниот систем во државата и сигурно е
дека ќе ви ги овозможи сите потребни услови за непречено стекнување на
знаењата, кои ќе ви бидат основа за понатамошното повисоко образование. Со
максимално залагање на вашите наставници, од ова училиште ќе излезете
подготвени да се соочите и успешно да ги совладате сите предзвици кои ве
очекуваат во животот – рече Симоноски.
Свеченоста беше одбележана и со чинот на доделување на пригоден подарок
за Христина Митреска од страна на градоначалникот Бакрачески, за
освоеното трето место на Балканската олимпијада по математика што се одржа
во јуни во Бугарија. Младата Христина Митреска основното образование го
заврши минатата година во ОУ “Христо Узунов“, а во декември ќе ги брани
боите на Македонија на Меѓународната олимпијада по природни науки, што ќе се
оддржи во Холандија.
Во новата учебна година во сите основни училишта во Охрид се запишани 495
првооделенци, од кои 102 првачиња во ОУ “Христо Узунов“.
Извор: www.ohrid.gov.mk |