Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
РОМАНО ПРОДИ – ДОБИТНИК НА СВЕТСКАТА НАГРАДА ЗА ХУМАНИЗАМ ЗА 2019 ГОДИНА
Untitled Document

Добитник на Светската награда за хуманизам за 2019 година, со која Охридската академија на хуманизмот го слави името на Св. Климент на сите светски меридијани, е Романо Проди, еден од водечките визионери и градители на европската идеја, екс-премиер на Италија и претседател на Европската комисија. Професорот Проди е тринаесетти добитник по ред на ова исклучително признание со кое што Охрид, градот на УНЕСКО, веќе ги овенча нобеловците Александр Солжењицин, Херта Милер, светските легенди Даисаку Икеда, Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел Де Оливеира, будејќи ги изворите на духовната меморија од првата средновековна школа на хуманизмот, основана од учениците на Св. Кирил и Методиј, заштитниците на Европа.  

Во писмото до претседателот на интернационалното жири, амбасадорот Јордан Плевнеш, професорот Романо Проди истакна: „Исклучително сум почестен што Охридската академија на хуманизмот го вброи и моето име како добитник на оваа светска награда со огромен престиж, што досега била доделена на личности кои оставиле длабоки траги во светската историја на хуманизмот. Со голема радост ви потврдувам дека ќе дојдам во Охрид за да го примам ова високо признание придружуван од мојата сопруга Флавија.“

Свечената церемонија на доделувањето на наградата ќе се одржи на 18 јануари 2019 година, наспроти големиот празник Богојавление, во куќата на Уранија на МАНУ. Пригодни беседи за Проди ќе одржат Јордан Плевнеш и Рикардо Бризи, професор на Универзитетот од Болоња. Во присуство  на амбасадорите на Европската унија, Италија,  Франција, Бугарија и Белгија, градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски ќе му ја врачи наградата на добитникот Проди, пред поголема меѓународна асемблеја на гости, меѓу кои и претставници и градоначалници од збратимените градиви на Охрид од Европа и градовите под покровителство на УНЕСКО.

 Истата вечер, со посебно признание ќе му биде одадена почит на неодамна починатиот бугарски академик Светлин Русев, добитник на Светската награда за хуманизам во 2014 година, автор на спомен обележјето „Охрид – Центар на светскиот хуманизам“, кое што во текот на следната година ќе биде свечено поставено  на плоштадот „Долна Порта“. 

 

Прочитано:  269  пати
Објавено на: 08.11.18
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©