Со учество на 400 деца од Охрид и Скопје, пеејќи ја песната “Вечниот Бог“, денес низ охридските улици по петти пат беше одржана Бадникова литија, со која се најавува Христовото раѓање. Поворката со децата тргна од црквата Свети Ѓорѓи, движејќи се по улицата “Јане Сандански“ и кејот “Македонија“, за да заврши во црквата Света Богородица - Каменско. На плоштадот Свети Климент Охридски, поворката беше пречекана од градоначалникот Јован Стојаноски, кој на децата им даруваше пакетчиња.
- Убаво е да се негува традицијата. Овие златни деца нека бидат благословени, нека бидат благословени сите жители на Охрид и гостите. Ние како град ќе продолжиме да ја негуваме оваа убава традиција, бидејќи таа е во нашите корени, а почитта кон традицијата се надеваме дека ќе ни донесе и поголем бериќет за нашиот град – истакна градоначалникот Стојаноски.
Децата ја продолжија свечената поворка до црквата Света Богородица – Каменско, каде им беше приреден празничен ручек.
|