На сцената на „Долни Сарај“, денес, започна интернационалниот фестивал „Словенија во Охрид“. На настанот присуствуваа Амбасадорот на Република Словенија во Македонија, Милан Јазбец, градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески и заменик градоначалникот, Ангел Јанев. Пред официјалниот почеток на фестивалот, во угостителскиот објект „Аквариус“, Амбасадорот на учесниците на фестивалот им додели благодарници. После доделувањето на благодарниците, се обрати градоначалникот Бакрачески, кој им посака топло добредојде во бисерот Балкански – Охрид и денови исполнети со позитивна енергија и спомени кој што ќе ги однесат назад во родните места.
Фестивалот „Словенија во Охрид“ се одржува во чест на Денот на државноста на Република Словенија, а ќе трае до 27 јуни. На летната сцена „Долни Сарај“ се обрати заменик градоначалникот, Ангел Јанев.
Културата не познава граници, зошто преку неа се градат мостови на соработка и меѓусебно почитување меѓу народите и државите. Таа мисија успешно, веќе втора година, ја реализира фестивалот „Словенија во Охрид“. Во тој дух, ја користам оваа можност преку амбасадорот Милан Јазбец, да упатам искрени честитки до пријателскиот словенечки народ, по повод одбележувањето на 25 јуни - Денот на независноста на Република Словенија, а посебно до граѓаните од збратимените градови Пиран и Птуј, со кои имаме долгогодишна пријателска соработка, рече Јанев.
Фестивалот „Словенија во Охрид“ е вистински пример како може на креативен начин и со низа различни културни настани, да се придонесе во продлабочување на соработката меѓу две држави. На фестивалот ќе настапат музички и фолклорни групи, мажоретки тимови, оркестри, хорови и групи за модерни танци, со околу петстотини учесници. Деновиве тие со својата младост и шареноликост ќе го разубават Охрид и покрај охриѓани, тој прекрасен амбиент ќе го почувствуваат и илјадниците пред се странски туристи.
Извор: www.ohrid.gov.mk |