Градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски, заедно со охридските пратеници во македонското Собрание, Томислав Тунтев и Жаклина Лазареска и со бројни охриѓани се вклучи во Мировниот марш што денеска се одржа во Охрид , а по повод 21 септември, меѓународниот ден на мирот.
Централното случување на настанот беше на градскиот плоштад. Пред присутните се обрати советникот во градскиот Совет, Мишел Силјаноски.
- Мирот секогаш бил најпосакуваната и најголема вредност на човечката цивилизација, а стремежот за мир и слобода најголемиот идеал на човекот.
Сојузот на борци од народно ослободителната борба и граѓаните продолжувачи на традицијата, имаат најголемо историско право, бескомпромисно да се залагаат за вредностите на мирот и слобода за секој човек. Годинашниот мировен марш по повод 21 септември, Меѓународниот ден на мирот, ја потврдува определбата на Република Македонија, дека својот развој го гледа во мирна коегзистенција со своите соседи во поширокото европско семејство. И денес кога на нашата планета постојат војни судири, Сојузот на борците и продолжувачи на традицијата и ние како граѓани, чекориме со пораката за мир и се приклучуваме кон иницијативата на генералниот секретар на обединетите нации Антонио Гутереш, да прекинат насилствата и сите народи да чекорат заеднички по патеките на мирот и взаемното уважување и разбирање. Почитувани присутни, да посакаме мирот да надвладее, а луѓето и народите да чекорат кон заедничка иднина, исполнета со човекољубие, мир и слобода за сите луѓе- истакна Силјаноски.
Пригодно обраќање имаше и потпретседателот на Сојузот на борци од НОБ од Охрид и Дебрца, Љубиша Маршановиќ, по што се одржа културно- уметничка програма во која настапија младите охриѓанчиња згрижени во детската градинка „Јасна Ристеска“ и учесници од детскиот фестивал „Распеано рибарче“.
Мировниот марш во градов традиционално се одржува секоја година во организација на општина Охрид и Сојузот на борците од НОБ од Охрид и Дебрца.
|