Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ПРОМОЦИЈА НА СТИХОЗБИРКАТА „ГРАВИРИ- 40 ГОДИНИ ОТПОСЛЕ“ ОД СЛАВЕ ЃОРЃО ДИМОСКИ
Untitled Document

Стихозбирката „ Гравири- 40 години отпосле“ од Славе Ѓорѓо Димоски, беше промовирана синоќа во НУ Библиотека „ Григор Прличев“ , во рамките на  програмата за одбележување на двојниот јубилеј- 185 години од раѓањето и 110 години од смртта на Кузман Шапкарев, што заедно со оваа културна институција ја организира Општина Охрид.Промоцијата на репринт изданието на „ Гравири- 40 години отпосле“ се организира по повод 60 години живот и 40 години од печатањето на поетскиот првенец на Славе Ѓорѓо Димоски.

За стихозбирката, која содржи критички согледувања и прилози од еминентни имиња од македонското литературно творештво беседеше  проф. д-р Димитар Пандев,  стихови  и делови од текстови за творештвото на славеникот Димоски  читаа Марина Димовска и Јован Цветкоски, а во музичкиот дел настапи младата флејтиска Сара Цикуш .

-Семиотички, како стихозбирка во која доминира знакот „ круг“ ( инаку , најексплицитна форма на подвигот со раката именуван со поимот „ гравира“ )  „ Гравири“ ( 1979) го отвора широкото геопоетичко пространство на поезијата на  Димоски од кое израснува Велестово во геопоетичен бренд, со кој уште појарко се осветлува книжевната мапа на Македонија на литературната карта на светот- вели Димитар Пандев.

Поетската книга „ Гравири- 40 години отпосле“ од Славе Ѓорѓо Димоски е репринт  во издание на „ ПНВ Публикации“ од Скопје, а е  проследено со нови критички согледувања од Венко Андоновски и Димитар Пандев.

 

„ Гравири“ и по 40 години е свежа и провокативна поезија, и тоа е најважно. И затоа: нека ти се честити јубилеите, драг мој  Славе! И нека ти се благословени душевните прсти со кои ги создаваш ( и да ги создаваш уште долго) твоите гравири, бравури и филиграни-  порача Венко Андоноски во поговорот на стихозбирката.

Славе Ѓорѓо Димоски има објавено 18  поетски книги од кои 5 за деца, 18  се објавени на други јазици, а одделни песни и поетски циклуси преведени се на над триесет јазици. За неговата поезија напишана е едена есеистичка книга, а во Италија одбранет е магистерски труд.

За својата поезија повеќекратно е наградуван во земјава и странство, а меѓу наградите се „Браќа Миладиновци“ на СВП, „Ацо Шопов“, „Сергеј Есенин“, „Гран-при на европската поезија, и двапати на охридскато највисоко признание “Св. Климент Охридски, патрон на Охрид“, еднаш за особен придонес во подемот на Охрид и еднаш за животно дело.

Прочитано:  103  пати
Објавено на: 19.03.19
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©