Во рамките на чествувањата на годинашните Прлиеви беседи, денес во НУЦК
“Григор Прличев“, на авторката Гордана Стојановска за поемата “Клучевите“ и
беше врачена наградата за најдобра поема за 2017 година. Свеченоста беше
збогатена со музички рецитал, а одбрани стихови од наградената поема читаа
актерите Андријана Тодоровска и Павел Маслов.
Честитајќи и ја наградата на авторката, пред присутните се обрати и
претседателката на Советот на Општина Охрид, Живка Ангелоска.
- Ваквите празнувања посветени на великаните,
каков што е Григор Прличев, секогаш се одлична прилика одново да си ветиме
дека ќе ја чуваме и негуваме нашата традиција и дека секој со своето знаење,
умеење и совест ќе придонесуваме за подобра иднина на нашиот народ и земја.
За тоа да го постигнеме, потребно и полезно е, секогаш на ум да ги имаме
високопоставените, не само уметнички, туку и етичките и општоцивилизациските
вредности на Прличев – истакна Ангеловска.
Наградата и повелбата на наградената авторка Гордана Стојановска и ја
врачи директорот на НУЦК “Григор Прличев“, Стрезо Стаматоски. Овенчаната
поетеса се заблагодари на наградата, подвлекувајќи дека е многу почестена и
како човек и како автор.
- Мотивацијата за да се напише поемата во
суштина произлезе од онаа состојба во која се наоѓа човекот во модерниот
свет којшто е постојано изложен на притисоци, бомбардиран со информации.
Поемата се обидува да ги стави на вага сите оние универзални и врвни
вредости како што се цврстата вера, безусловната љубов, силната надеж,
храброста и желбата да се оди напред. Тоа претставува едно трагање по
одговор, дека тие вредности сеуште постојат и дека човештвото и човекот како
суштество е сеуште подготвен да се издигне над сето зло кое постои во овој
свет, истакна Стојаноска.
Чествувањата продолжуваат утре со културно - уметничка програма во спомен
куќата на Григор Прличев и свечена академија на Основното училиште кое го
носи името на лавороносецот.
|