Иван Лотески е среќниот фаќач на Чесниот Крст во Охридското езеро. Во
присуство на десетина илјади верници, денеска, на градското пристаниште ,
беа осветени водите на Охридското Езеро, црковно- народна манифестација која
се одржува по повод чествувањето на големиот православен празник
Богојавление – Водици.
Во изјава за медиумите, вршителот на должност градоначалник,
Константин Георгиески на сите охриѓани им посака да бидат
вечно здрави и
толерантни еден спрема друг, и додаде „како
локална самоуправа направивме се што е во наш домен манифестацијата да биде
организирана на едно високо ниво. Мислам дека таа традиција и во иднина ќе
се задржи“.
Среќниот фаќач на крстот од страна на Дебарско-кичевската епархија доби
на подарок ланче со златен крст, а синот на покојниот градоначалник, Јован
Стојаноски, Димитар Стојаноски, во името на локалната самоуправа му врачи
рачно изработена икона.
Празнувањата за „Водици“ продолжуваат во 12 часот на Сараиште со групно
крштевање и утре, со манифестацијата „Денот на Рибарите“ што ќе се одржи на
малиот плоштад кај хотел „Александрија“, каде традиционално ќе биде поделена
рибна чорба, греана ракија, пача и вино, а за забавата ќе се погрижи ансамбл
,,Билјана јуниор“. |