Денес со пригодна свеченост беше пуштена во употреба новата Автобуска станица во Охрид. На свеченоста присуствуваше премиерот Зоран Заев, охридскиот градоначалник Јован Стојаноски, сопственикот и дел од менаџментот на „Делфина Турс“ и бројни гости.
Премиерот Зоран Заев го истакна задоволството од развојот на Охрид со вакви модерни проекти, кои ќе ја збогатат севкупната понуда.
- Ние како јавна администрација ги продолжуваме сите убави работи кои се отпочнати и пред нас, со што испраќаме порака до сите инвеститори за стабилност во државата и за доволна мотивираност, затоа што сме свесни дека за да се влезе во вакви проекти треба да соберете повеќе храброст. Посебно ми е драго што е ова домашна инвестиција, ќе овозможи приход на локално и државно ниво, отвора работни места, но и ги охрабрува и сите потенцијални инвеститори да се одлучат да влезат во нардени инвестиции, потенцира – истакна во своето обраќање Заев.
Градоначалникот Јован Стојаноски ја поздрави капиталната инвестиција која ќе донесе многу квалитативни промени во Охрид.
- Посакувам се што ветивте и започнавте да го реализирате во зацртаниот рок. Среќни сме што како град имаме прилика да го отвориме овој капитален објект кој во иднина ќе придонесе за повеќе туристи, зголемен туристички промет и подобрување на туристичката понуда и содржина. До премиерот упатувам порака да ги поддржува и зголемува ваквите капитални инвестиции во нашиот град - потенцира Стојаноски.
Сопственикот на компанијата “Делфина Турс“, Аднан Исмаил истакна дека она што пред три години беше на хартија, стана охридска реалност.
- Горди сме што Охрид доби една од најмодерните автобуски станици во регионот. Заедно со автобуската добивме одобрение за градба на трговски центар кој ќе биде прв од ваков вид не само во Охрид туку и во регионот. Двата проекта се вкупна инвестиција од 7 милиони евра и вкупна изградена површина од 18 600 м². Првата фаза од проектот е завршена новата автобуска располга со модерни сервисни и услужни простории, чекална, четири шалтери за продажба на билети, кафетерија и слично со вкупна изградена површина од 1100 м². Перонскиот дел е со површина од 2 200 м², располага со осум појдовни и осум дојдовнио перони. Со модерната автобуска и трговскиот центар, Охрид ќе добие нови современи обележја, отворање повеќе работни места со што ќе дадеме и наш придонес да го спречиме иселувањето на младите, со понуда на работен ангажман не само на локално туку и на регионално ново – подвлече Исмаил.
На свеченоста беше означен и стартот на градежните работи за изградба на современиот трговски центар – Ohrid Mall. Toja ќе располага со површина од 10000 м² за комерцијално работење и 7 500 м² паркинг простор. Исмаил рече дека Ohrid Mall ќе биде изграден за една година.
|