Денес градоначалникот Никола Бакрачески, оствари работна средба со претставници на УНЕСКО, кои се во посета на Охрид. Делегацијата на УНЕСКО ја предводи Ана Сидоренко од Центарот за светско наследство на УНЕСКО, во која влегуваат и Маја Василевиќ од Меѓународната унија за конзервација на природата и Пјер Мари Трико од ИКОМОС. Претставниците на УНЕСКО беа запознати со тековните урбани активности на локалната самоуправа, и со владините проекти кои се однесуваат на автопатското и железничко поврзување на Охрид со Скопје.
Градоначалникот Бакрачески и најблиските соработници ги презентираа тековните проекти кои ги спроведува локалната самоуправа, а кои се во функција на развојот на Охрид и регионот. Посебно беше истакното значењето на владиниот проект за изградбата на автопатот кон Кичево, што ќе има многу позитивно влијание врз развојот на туризмот. На високите гости им беше презентиран идејниот проект за градскиот кеј и плажата во Лагадин, при тоа посочувајќи дека Законот за заштита на Охрид и сите препораки за заштита на природното и културно наследство строго се спроведуваат при носењето и реализација на сите градежни активности.
На средбата градоначалникот Бакрачески ја посочи грижата за колекторскиот систем како круцијален проблем за Охрид и Охридското езеро за кој треба што побрзо да се изнајде оптимално решение за негова ревитализација и обнова, за целосна и интегрална заштита на Охридското Езеро.
Претставниците на УНЕСКО во теков на денов, ќе имаат средба и со невладините организации од градов.
Извор: www.ohrid.gov.mk |