Во рамките на програмата за одбележување на Денот на Охрид, денеска напладне беше промовирана новата книга на проф. д-р. Димитар Пандев „Слова за Свети Климент Охридски“ . На почетокот на промоцијата на книгата која финансиски беше помогната од Локалната самоуправа, градоначалникот Д-р Јован Стојаноски, рече дека со ваквите дела се збогатува ретката охридска културна и книжевна многувековна ризница, а на авторот Пандев му посака уште многу вакви бележити дела.
-Приказната за Св. Климент Охридски, освен во свеста на охриѓани како роднокрајна, никогаш не е докрај разјаснета, ни растајнета. Таа е дел од охридскиот милениумски непремолк пред кандилата во секоја варошка куќа.Таа е стапалка Климентова на ридот надохридски каде по којзнае којпат, уште еднаш е препеан псалтирот од патници- намерници за која известуваат Миладиновци. Таа е Светиклиментова столица за која, од охридските лозја, пее Прличев. Таа е Климентово слово за кое пеејќи за Охрид, стихијно- застихува Рајко Жинзифов. Таа е и оваа најнова книга на проф. д-р Димитар Пандев- рече промоторот Митре Вељаноски.
Авторот на книгата „Слова за Свети Климент Охридски“ проф. д-р Димитар Пандев, рече дека му претставува посебно задоволство што во една книга, со поддршка на општина Охрид, собрани се неговите беседи за Свети Климент и најави дека набрзо ќе обелодени дека ја завршил новата книга која ќе биде на охридска тема.
|