Со положување свежо цвеќе пред бистата на револуционерот Христо Узунов, во дворот на основното училиште што го носи неговото име, денес започнаа чествувањата за охридскиот војвода и илинденец. Оваа година се навршуваат 113 години од херојската погибија и 140 години од раѓањето на најславниот охриски војвода. Делегација на Општина Охрид положи свежо цвеќе пред бистата на херојот, а на најуспешните ученици за ликовни и прозни творби на интерниот конкурс на ОУ “Христо Узунов“, им беа доделени пригодни награди.
Споменот на славниот илинденец, продолжи со пригодна програма во Општина Охрид, каде пред присутните се обрати претседателката на Советот на Општина Охрид, Живка Ангелоска.
- Денеска, со оваа свеченост, со должна почит и пиетет го одбележуваме јубилејот: 140 години од раѓањето и годишнината од херојската погибија на војводата Христо Узунов што се случи на 24 април 1905 година во кичевското село Цер.Се поклонуваме пред славниот охридски војвода Христо Узунов и неговото револуционерно дело и чинот на саможртва. Во тешката и нерамноправна битка со османлискиот аскер во селото Цер, војводата Узунов и неговите соборци, не се предадоа на непријателот, туку сами си ги одзедоа животите како чин на саможртва кој и го посветија на борбата за слободна и независна Македонија. Охридскиот војвода Христо Узунов е еден од македонските великани чии идеали се пренесувале од колено на колено, од генерација на генерација, од востание на востание, се до конституирањето на слободна, независна и самостојна Република Македонија.Низ сите историски премрежја, порази и победи на македонскиот народ, мисла водилка била борбата за слободна и независна Македонија со порака дека тоа е и наш поттик, наша и мотивација на следните генерации – истакна во своето обраќање Ангелоска.
Пред присутните за животот и делот на охрискиот великан, зборуваше и историчарот, проф. д-р Павле Митрески. Програмата беше збогатена со уметничи настап на учениците од хорот при ОУ “Христо Узунов“и ОМУ “Методи Патчев“.
Свеченостите продолжуваат вечер со Академија на ОУ “Христо Узунов“, а утре со положување свежо цвеќе пред бистите на Христо Узунов во градскиот парк и во историското Цер.
|