Согласно активностите на Г1 програмата за локален економски развој на Општина Охрид за 2018- та година, синоќа во големата сала на Општина Охрид се реализираа советувања и обука за процесот на сертификација на производство на органска храна. Обуките ги одржа Горан Колев, овластен контролор на целокупниот опсег на сертрификација на органска храна од Про Церт.
Пред присутните Колев ги презентираше потенцијалните можности и придобивки од сертификација на органското производство, а ги запозна и со мерките за поддршка на производителите на органска храна што се предвидени во заедничките земјоделски политики на Република Македонија и европските фондови, како и давање на корисни упатства за правилата кои се однесуваат на органското производство, процес на контрола и сертификација на органското производство, согласно законот за органско производство и ЕУ регулативите. Со обуките беа опфатени три засебни области: земјоделско и овоштарско производство, сточарско производство и пчеларско производство.
Посебен интерес предизвика дискусијата за можностите на поврзување на сертифицираното органско производство на храна во креирањето на нови туристички понуди и содржини во руралниот туризам, а со самото тоа и значењето за идниот локален социо-економски развој на руралните области.
|