Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ОДБЕЛЕЖАН 11.ОКТОМВРИ- ДЕНОТ НА НАРОДНОТО ВОСТАНИЕ
Untitled Document

Во организација на општина Охрид и Општинската организација на Сојузот на борците од НОАВМ 1941-1945 година и граѓаните  продолжувачи од општините Охрид и Дебрца, денеска свечено беше одбележан 11.Октомври- Денот на народното востание и Денот на борецот.На свеченоста што се одржа во големата сала на општина Охрид, пред присутните се обратија  градоначалникот Никола Бакрачески и председателот на Општинската организација на Сојузот на борците Гоце Георгиески.

-Четиригодишната народно-ослободителна епопеја на Македонскиот народ во Втората светска војна, како континуитет на идеалите на Илинден, ги постави темелите на новата Македонска држава и го реализира многу вековниот сон на Македонскиот народ за создавање слободна,демократска и независна држава.Горди на визијата, храброста и пожртвуваноста на основачите на македонската револуционерна борба,  уште еднаш силно го чувствуваме нивниот слободарски дух. Чекориме сигурно по заветот што ни го оставија, завет кој се темели на исконската желба  за слобода на Македонија. Почнувајќи од 1893 година кога  се запишаа   првите страници од славната македонска историја, исполнета со крв и саможртва, и стана  пример врз кој се темелеа сите понатамошни македонски востанија и револуции. Темел врз кој ќе се надградуваат идните големи историски настани- Илинден 1903, 11 октомври 1941 година,   АСНОМ 1944 и 8 септември 1991- денот на прогласувањето на независност на слободна и демократска  Република Македонија. Затоа, 11 Октомври, не преставува само придружување на македонскиот народ на светската антифашистичка коалиција, туку истовремено неговата големина е во спојување на временскиот континуитет на вековниот сремеж на Македонецот за опстојување на својата територија и приклучување на својот народ и својата држава кон големото Светско семејство на народите.Во таа смисла, славни и неизбришливи се трагите на револуционерниот и бунтовен 11 Октомври 1941год., нашиот патоказ низ бурните времиња се до создавањето на сопствена држава- рече градоначалникот Бакрачески.

Претседателот на Општинската организација на  Сојузот на борците од НОАВМ 1941-1945 и граѓаните продолжувачи во општините Охрид и Дебрца, Гоце Георгиески  рече дека 11.Октомври 1941 година е денот кога започна  единственото непоразено востание и претставува врвен израз и логичен продолжеток на револуционерните и слободарски традиции на македонскиот народ во изминатите векови.

-Македонскиот народ во тие судбоносни моменти се определи за борба против ропството,против фашизмот-заедно со светската антифашистичка коалиција, борба за остварување на вековниот сон за национална слобода и своја држава. Прославувајќи го овој ден и сеќавајќи се на жртвите , ние со почит и благодарност се поклонуваме пред ваквата борба и пред олтарот на сите паднати борци за слобода и самостојна Македонија. Со оваа борба нашиот народ на најдобар начин го докажа својот државотворен капаците и право на изградба на самостојна, суверена и слободна држава- рече Георгиески.

Во културно- уметничкиот дел на свеченоста настап хорот на ОСУ „ Св. Климент Охридски“ и преставници од Основното училиште „ Методи Патчев“ .

На свечената седница и претходеше полагање свежо цвеќе на спомен обележјето на НОБ во градскиот парк.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1468  пати
Објавено на: 10.10.17
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©