Локалната самоуправа започна низа активности за решавање на проблемот со бездомните кучиња кои претставуваат опасност за граѓаните, но создаваат и грда слика пред странските туристи. Деновиве, како прв чекор започната е постапка за регистрација на прифатилиште за бездомни животни, кое ќе биде лоцирано во месноста „Мауцкер“. Прифатилиштето ќе работи согласно со Законот за благосостојба на животните донесен во 2014 година и Правилникот за техничките услови за прифатилишта за бездомни животни , донесен во 2010 година.
Јавното претпријатие „ Охридски комуналец“ , согласно предвидените активности на Локалната самоуправа, започна постапка за набавка на специјални возила за шинтерската служба, а во соработка со Ветеринарниот факултет од Битола ќе биде организирана специјална обука за персоналот на службата. Обезбеден е простор за прифатилиштето , а започната е постапка за избор на ветеринар кој треба да обезбеди законски определен третман за згрижените бездомни животни.
Во соработка со Центарот за развој на Југозападниот плански регион, со финансиска поддршка на UNDP наскоро треба да започне проектот за изработка на Основен проект за изградба на Регионално прифатилиште за бездомни животни, со што започнува процесот за трајно решавање на овој долгогодишен голем проблем. |