Најмладите во Охрид, денес, добија уште една забавно – рекреативна зона каде што ќе можат да го користат своето слободно време. На детското игралиште лоцирано покрај патеката што се протега од „Студенчишта“ до хотел „Парк“, поставени се повеќе детски реквизити што нудат разновидна забава.
- Им овозможивме на младите да се забавуваат и рекреираат тука, меѓутоа и на оние кои се занимаваат со рекреативен спорт или фитнес да можат да ги користат овие реквизити на оваа мошне атрактивна локација во Македонија, со прекрасен поглед кон стариот град и кон езерото, рече градоначалникот Никола Бакрачески.
Во склоп на игралиштето ќе функционира и фитнес зона, која е реализирана во соработка помеѓу општина Охрид заеднички со Агенцијата за млади и спорт.
- Неколкупати сум нагласил дека преку овие проекти ги промовираме здравите животни навики, но истовремено и ќе ги повикаме граѓаните со заедничкото излегување во природа, користењето на овие зони, рекреирањето и забавата, да прибегнат кон традиционалните норми на живеење кои го краселе народот во минатото, истакна градоначалникот.
Со рализацијата на оваа забавно – рекреативна зона, значително се надополнува изгледот на патеката, која што веќе претставува главно шеталиште на охриѓани и гостите.
Покрај ова, до сега се реализирани уште пет вакви игралишта и тоа во населба „Даљан“ , „Крали Марко“ , „Рача“ , „Св. Климент“ и „Видобишта“. Вкупната вредност на реализацијата на овој проект изнесува 573 992 денари, средства издвоени од буџетот на општина Охрид.
Извор: www.ohrid.gov.mk |