Повеќе од 1.200 охриѓани зедоа активно учество во големата ЕКО акција „Мој Охрид, чист Охрид“ која се одржа во саботата во организација на охридското Супер радио и имаше за цел комплетно да се исчисти крајбрежјето во пресрет на туристичката сезона.
- - На наше огромно задоволство, се одзваа повеќе од 1.200 охриѓани, кои поделени во 9 Зони собраа над 500 големи вреќи ѓубре. Охриѓани ја препознаа акцијата како своја, а голем дел од нив, кои беа спречени да дојдат на лице место, организираа свои „мини акција“ во домовите, зградите и фирмите каде работат, објавија организаторите.
Во рамките на големата ЕКО акција „Мој Охрид, чист Охрид“ се чистеше на потегот од населбата Воска до хотелот „Десарет“. Првиот реон беше комплетно чистење на плажата кај Воска, следен реон беше Стариот град, потоа потегот од мостот до плажата „Golden beach“, до „Славија“, зона 5 беше од „Славија“ до хотел „Аквалина“, потоа до хотел „Гранит“, следната зона беше до хотел „Метропол“, зона 8 од хотел „Метропол“ до плажа „Атлантис“ и последниот реон беше до Пештани и хотел „Десарет“.
- - За сите учесници беа обезбедени вреќи, вода и ракавици, а посебни екипи на охридскиот Црвен крст со медицински ранци беа постојано при рака при евентуални поситни повреди. За подалечните зони беше обезбеден превоз со автобуси на АД „Галеб“, до кои испраќаме голема благодарност, а секако и до сите охриѓани, вработените во локалната самоуправа и особено во ЈП „Охридски Комуналец“, спортски и еко здруженија, кафе барови и сите добронамерници коипомогнаа Охрид да блесне во целата своја убавина. Да го задржиме ваков во пресрет на сезоната, додаваат од „Мој Охрид, чист Охрид“.
|