Годинашната туристичко- промотивнаманифестација, традиционално денеска се одржа на просторот до црквата „ Успение на Пресвета Богородица“ во селото Скребатно. Манифестацијата, што традиционално ја организира Општина Охрид, преку Секторот за туризам и локален економски развој, помина во несекојдневно дружење и уживање во вкусовите на традиционалната охридска кујна, а посебен белег и даде натпреварот за подготовка на ѓомлезе.
На туристичко промотивната манифестација „ Охридска софра“ , на која покрај учесниците имаше и бројни гости, меѓу кои и странски туристи се обрати градоначалникот Јован Стојаноски, кој рече дека традиционалните рецепти за подготовка на домашна храна, претставуваат вистинско богатство на нашите домаќинства и неисцрпна можност за туристичка промоција на Охрид.
-Во овој прекрасен амбиент што се наоѓа во близина на црквата Успение на Пресвета Богородица , Ви посакувам топло добредојде на годинашното издание на туристичко-промотивната манифестација „Охридска софра“ , што традиционално ја организира Локалната самоуправа. Денес заеднички ќе уживаме во вкусот на традиционалната кујна на Охрид и неговата околина, а посебно впечатлив e натпреварот во подготовката на највкусно ѓомлезе кое е наш препознатлив специјалитет.
Овие простори се обдарени со божествена убавина, кои, кога ќе се надополнат со вкусовите на специјалитетите на вештите раце на домаќинките и домаќинките, професионалните готвачи и производителите на здрава храна, стануваат атрактивен туристички производ,кој можеме да им го понудиме на домашните и странските гости.
Охрид е најразвиениот туристички центар не само во Република Македонија туку и пошироко. Неговите културно - историски и природни реткости, ги препознал светот и затоа тие вредности се под заштита на УНЕСКО. Тоа е голема привелегија, но и голема обврска која налага да развиваме одржив локален економски развој во сите сектори, меѓу кои е и туризмот. Токму затоа, цврсто сме определени да креираме атрактивни пакети кои ќе бидат конкурентни пред се на странските туристички пазари.
На нашите гости сакаме да им обезбедиме разновидна понуда во која, како ретко каде ќе можат да го испијат утринското кафе на брегот на едно од трите најстари езера во светот, да прошетаат и да ги видат древните споменици на културата, да дојдат овде да вкусат дел од специјалитетите на традиционалната кујна или да пропешачат по планинските патеки на Галичица, а навечер да посетат некој од охридските ресторани и да го почуствуваат духот на охридската чалгија. За секој ден ќе имаме понуда со нови содржини со кои престојот на туристите во Охрид и неговата околина, ќе го направиме да биде незаборавен.
Ви посакувам, на денешната охридска софра, да уживате во овој прекрасен простор и вкусот на традиционалната кујна и да се дружите со надеж дека секоја година, ќе бидеме побројни, а софрата ќе ни биде побогата и побериќетна- рече градоначалникот Јован Стојаноски.
По неколкучасовна подготовка, специјална комисија ги прогласи трите највкусни специјалитети-ѓомлезе. Првата награда ја доби Илина Бимбилоска Коваческа, втората Лиле Каровска, додека третата награда ја доби Ана Лазоска.
Покрај ѓомлезето, присутните, на поставените штандови можеа да вкусат бројни специјалитети од охридската кујна и здрава храна што се произведува во охридскиот регион.
|