Финансиската консолидација на општина Охрид во изминатиот едногодишен
период беше тема на денешната прес- конференција на градоначалникот Јован
Стојаноски. Со доаѓањето на новата Локална самоуправа, пред една година,
како што рече градоначалникот Стојаноски, започнаа нови процеси за
менаџирање и управување со ресурсите и примена на нови механизами за
консолидација на финансиската состојба на општина Охрид и подмирување на
долговите .
Согласно неколкуте спроведени анализи и
утврдување на начините за подмирување на старите обврски, со состојба на
30.11.2017 година вкупниот долг на Општина Охрид изнесувал 1.573.036.905,оо
денари. Со состојба на 30.09.2018 година, долгот изнесувал 1.472.122.329,оо
денари, односно е намален за 100.914.576,оо денари. Преку склучување
спогодби и регулирање на односите со доверители Општината има остварено
заштеда од 17.572.707,оо денари. Со систематски и аналитичен пристап
почнавме и се надевам дека во првиот квартал на 2019 година целосно ќе го
исплатиме долгот и ќе ја одблокираме сметката на ОУ „ Григор Прличев“ .
Вкупниот долг на училиштето кон 21 коминтент изнесуваше 37.733.670,оо
денари. Склучени се спогодби со 14 коминтенти и исплатени се
22.413.581,оо денари, при што со отпишување камати заштедени се 8.585.268,оо
денари. Треба да се издвои и решавањето на проблемот со долгот кон
вработените во Територијалната противпожарна единица. Потпишани се спогодби
и на вработените им се исплатени 7.166.681,оо денари. За потенцирање е и
процесот на консолидација на финансиската состојба во јавните претпријатија.
Врз основа на анализите, направени се договори со доверителите, исплатени се
заостанатите плати и придонеси и сега на вработените редовно им се
исплаќаат платите - рече градоначалникот Стојаноски .
На средбата со новинарите градоначалникот Стојаноски потенцира дека
Општина Охрид не може сама да ги расчисти старите долгови за да има стабилна
финансиска состојба која во иднина ќе овозможи стабилен развој.
Одлуката на Владата на Република Македонија
за доделување на неповратни средства, со кои ќе се покријат 51% од
пријавените обврски на општините, средства кои се предвидени со ребалансот
на буџетот, е само круна на досегашните разговори и цел еден процес за
финансиско консолидирање на општина Охрид.Локалната самоуправа, цврсто
е определена за планско, транспарентно и отчетно трошење на народните пари
со реализирање на развојни проекти во сите сегменти на животот на
граѓаните.Со исплаќањето на дел од старите долгови ќе се овозможи нов
развоен циклус на општина Охрид, ќе има повеќе средства за развојни, а
посебно на инфраструктурни проекти - рече на денешната прес
конференција градоначалникот Јован Стојаноски.
Исплаќањето на долгот кон доверителите, според градоначалникот
Стојаноски, кај нив ќе отвори нови развојни проекти и раст на локалната
економија.
|