Вршителот на должност градоначалник, Константин Георгиески, денес, на
прес конференција ги информираше граѓаните за постапката која што ја покрена
за утврдување на одговорност кај државниот службеник задолжен за утврдување
и исплата на штетите од земјотресот.
Дисциплинската комисија која што ја
формирав на четврти јануари, а поврзана со утврдувањето и исплаќањето
на штетите од елементарната непогода поврзана со земјотресот, во
предвидениот законски рок од 20 (дваесет) дена изготви извештај во кој ме
информираа дека кај административниот службеник постои одговорност за сторен
дисциплински престап, истакна в.д. градоначалникот Георгиески.
Надлежната комисија, со тајно гласање утврдила одговорност за сторен
дисциплински престап и предвидела изрекување на дисциплинска мерка, парична
казна.
Комисијата ценејќи ги сите отежнителни
и олеснителни околности, со тајно гласање утврдила сторен дисциплински
престап и утврдила изрекување на дисциплинска мерка во висина од 30% од
висината на едномесечниот износ на нето платата исплатена во последниот
месец пред извршување на дисциплинскиот прекршок, во траење од 6 (шест)
месеци, кажа Георгиески, и додаде дека секретарот на општина Охрид
веќе донесе решение за изрекување на предложената дисциплинска мерка.
Поради постоењето на основни сомненија за неправилности, в.д.
градоначалникот, денес, достави Барање за постапување до Министерството за
внатрешни работи, во чиј прилог е и писмото до Јавното обвинителство, што по
претходно задолжение го испрати претседателката на Советот на општина Охрид,
Живка Ангелоска. Со ова, општина Охрид ги искористи сите пропишани правила
за постапување во вакви случаеви.
|