Градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски денеска на градскиот кеј присуствуваше на презентација на современа опрема за спасување на планина. Станува збор за проект на Црвен Крст- Охрид кој го реализира со грант од Европската Унија по успешното вклучување во програмата за меѓугранична соработка на Македонија и Албанија.
Во своето поздравно обраќање , градоначалникот Стојаноски подвлече дека добиената опрема за спасување на планина како и предвидената изградба на куќа на планина се во насока на развој на авантуристички туризам во Охрид. Градоначалникот посочи два моменти кои се особено битни од реализацијата на проектот.
Првиот момент се однесува на самата рамка на проектот, а тоа е меѓуграничната соработка меѓу Македонија и Албанија. Особено ми е драго што со овој проект ги зајакнуваме пријателските односи меѓу двете соседни земји, докажуваме дека заедно чекориме на патот кон Европската Унија и дека сме добри соседи кои градат заедничка иднина. Особено сакам да ја изразам својата благодарност до претставниците на Европската Унија што ги препознаа вака добрите проекти и ги подржаа. Вториот момент кој сакам да го истакнам се однесува на целта на проектот односно подобрување на квалитетот на туристичката понуда што би значело привлекување на подобри туристи. Тоа значи развивање на нова форма на туризам во која сите наши природни вредности поради кои Охрид е на картата на УНЕСКО ќе бидат валоризирани и искористени, а со тоа на некој начин ќе се зголеми туристичкиот промет. Се надевам дека ваквите проекти и поместувањето на туризмот во нови форми ќе придонесат Охрид и општините кои се вклучени во проектот да бидат зацртани на посакуваните карти на туристички дестинации- истакна градоначалникот Стојаноски со желба изработувачите да работат на уште многу други проекти кои се за доброто на Охрид, а општината како секогаш ќе биде нивни поддржувач.
Според Министерот за Локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, реализирањето на вакви проекти е во насока на збогатување на туристичката понуда преку развивање на нови форми на алтернативен туризам.
Го поздравувам иновативниот пристап и идејата да се поттикне развојот во областа на туризмот преку разновидна понуда но и повисок квалитет. Алтернативниот и авантуристичкиот туризам освен природни можности, прилагоден на барањата на современиот туризам треба да гарантира и безбедност. Тоа значи соодветна опрема за брза и безбедна акција во случај на потреба. Со проектот ќе се формираат два спасувачки центри за ефикасни интервенции во вонредни ситуации и тоа центар за спасување на планина во Охрид и центар за спасување на вода во Поградец во кои ќе бидат обучени 80 спасувачи. Ново формираните центри за спасување и воспоставените процедури и стандарди за управување со ризици ќе бидат активно промовирани и кај туристичките агенции, туристичките оператори и туристички провајдери со цел да се искористат за подобрување на конкурентноста на регионот и Охридското Езеро како атрактивни дестинации за авантуристичкиот туризам, истакна министерот Фазлиу .
Шефот на Секторот за соработка на Европската делегација во Македонија , Никола Бертолини посочи дека Европската Унија особено се интересира за развој на региони од Балканот со што ќе се обезбеди економски развој и заштита на природната средина.
Развојот на овие региони се наоѓа во срцето на Европската Унија. Прекуграничната соработка подразбира помош на регионите кои се далеку од главните градови. Основните компоненти вклучуваат заштита на природната средина и економски развој на регионот. Инвестиравме 12 милиони евра за развој на овие региони, од тоа корист ќе имаат луѓето и средините во кои живеат. Толеранцијата и соработката се во срцето на овие програми - подвлече Бертолини .
На презентацијата на опрема за спасување на планина присуствуваа и градоначалникот на општина Вевчани и заменик градоначалникот на Поградец.
|