Со традиционална средба на инвалидизираните лица, денес, беше одбележана 30 годишната работа на Здружението на лица со телесен инвалидитет од Охрид и Дебрца „Мобилност Охрид 1988“.
Присутните во име на градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски, ги поздрави претседателката на Советот на општина Охрид, Живка Ангелоска.
Ме радува фактот што едно охридско здружение цели 30 години посветено работи на поддршка и остварувања на правата инвалидизираните лица, кои се исклучително важни за нашето општество. Во рамки на добрите практики, големиот ентузијазам, долгогодишните напори на многу поединци и професионалци, е вклучена и Локалната самоуправа,
- истакна претседателката Ангелоска.
Општина Охрид секогаш во рамките на своите можности се обидува да им излезе во пресрет на потребите што ги имаат инвалидизираните лица.
Како одговорна Локална самоуправа, на ова прашање му посветуваме посебно внимание и во рамки на можностите и законските надлежности се обидуваме да пронајдеме соодветни решенија. Мора да се потенцира дека овој процес е поприлично сложен, а дополнителен проблем е незавидната финансиска ситуација во која се наоѓа и општина Охрид. Сепак, и покрај таквата состојба, како Локална власт се обидуваме преку континуирано доделување на буџетски средства, по однапред спроведен јавен повик, на невладините организации кои работат со лица со разни видови на хендикеп, да дадеме свој придонес во подобрувањето на состојбата во која се наоѓаат во општеството, - додаде претседателката Ангелоска.
На настанот покрај претседателката на Советот на општина Охрид, присутен беше и секретарот на општина Охрид, Игор Бежоски.
|