Во присуство на голем број почитувачи на делото на професор д-р Павле Митрески, денес во големата сала на Општина Охрид, беше промовирана монографијата “Трите Универзитети на проф. д-р Павле Митрески“, од авторката Кристина Алексиеска.
Пред присутните се обрати градоначалникот Јован Стојаноски, кој истакна дека животниот и творечки пат на професорот Митрески е показател дека со истрајна и посветена работа, се доаѓа до исклучителни резултати и посака и други млади истражувачи да го следат неговиот пример.
Промоторот, професор Славе Ѓорго Димоски истакна дека “ ...Суштинското обележје на овој труд е, во голема мерка, авторот да го расветли животниот пат на проф. д-р Павле Митрески, познат македонски историчар и истражувач кој со својот огромен истажувачки труд осветли бројни страници од македонската историја...“
- Јадрото на книгата го сочинува животната приказна на проф. д-р Павле Митрески, која авторот Алексиеска ќе ја подели на три крупни поглавја во кои стои именката универзитет: Прв, Втор и Трет универзитет. Низ овие три поглавја праволиниски ја прикажува животната приказна на Павле, која пред нас читателите, се одмотува како на филмска лента. Впечаток е дека пред нас е едно ретко комплетно биографско дело кое, всушност, претставува и прво посериозно претставување ан биографијата на еден сериозен и високо квалификуван историчар во македонската историска научна мисла, а преку него и сите досегашни објавени (а и не објавени) научни трудови ќе добијат и актуелна реафирмација, а на авторката Кристина Алексиеска, која е на добар пат, и посакуваме се подлабоки заграби на творечко-истражувачки план, а ова дело ќе остане пример како да се напише биографијата на еден интелектуалец – истакна во своето обраќање Славе Ѓорго Димоски.
|