Новиот градоналачник на Охрид Јован Стојаноски најави целосна поддршка на клубот од градот и дека тимот ќе продолжи да функционира со актуелниот тренер и актуелниот играчки кадар. Тоа значи дека Охрид во комплетен состав ќе настапи на следниот натпревар од Суперлигата, на незгодниот терен во Велес, кај Борец, а тој се игра в сабота со почеток од 19:30 часот.
Ова беше заклучено на состанокот на бордот на директори, спонзори и подржувачи на клубот, што денеска се одржа на иницијатива на Локалната самоуправа. Покрај ова, договорено е да се одржи вондредно собрание на кое ќе бидат избрани соодтветните тела на РК Охрид согласно законот за акционерски друштва.
Иако деновиве пред првенствен натпревар екипата остана без услугите на еден од најквалитетните ракометари, Јосип Кежиќ, без знаење на тренерот, а големо беше незадоволството и на дел од другите ракометари, сепак од Локалната самоуправа најавуваат дека ќе сторат се да продолжи убавата приказна на охридскиотракометниот тим.
Многупати досега е потенцирано дека Охрид минатата сезона го направи најголемиот клупски успех, кој сезонава беше надграден со уште поголем, односно пласманот во второто коло од ЕХФ Купот. Затоа сите очекуваат дека ќе продолжи убавата приказна на составот предводен од Горан Андоновски и дека љубителите на ракометот во градот покрај езерото ќе имаат можност да гледаат уште квалитетни натпревари. |