Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
СВЕТСКИ КУЛИНАРИ ЌЕ СОЗДАВААТ ВРВНИ СПЕЦИЈАЛИТЕТИ СО ЛОКАЛНИ ПРОДУКТИ
Untitled Document

Со локални продукти најпознатите  светски  готвачи со Мишелин ѕвезди   ќе  приготвуваат исклучителни специјалитети кои ќе  се најдат во менијата на  охридските угостителски објекти и ќе носат уникатни  имиња  специфични за Охрид и регионот.  Ова беше истакнато  на денешната прес конференција што се одржа по повод  фестивалот  “Taste Ohrid” што започнува денес и ќе се одржува за време на викендот. 

Настанот со светско реноме прв пат се одржува кај нас и  е поддржан од општина Охрид  којашто преку  него настојува да реализира две цели.

 Со овој  настан настојуваме да реализираме две цели. Од една страна продолжување на туристичката сезона, а од друга  подобрување на туристичката понуда.   Во тој дел се насочуваме кон гастрономскиот сегмент  и настојуваме да имаме подобра понуда со што Охрид би се претставил како гастрономска или кулинарска дестинација. Среќен сум што тука се присутни повеќе  шефови на кујна кои што своите знаења ќе ги пренесат и на нашите готвачи  со што битно ќе допринесат во постигнување на нашите основни цели во организирањето на овој настан,   а  тоа е како што претходно кажав , продолжување на туристичката сезона и збогатување на туристичката понуда  и секако формирање на еден нов сегмент на туристи  кои што би дошле во Охрид да ги вкусат кулинарските специјалитети – истакна  градоначалникот, Јован Стојаноски

 На денешната средба со новинарите присуствуваше и италијанскиот шеф со Мишелин ѕвезда, Џорџо Дијана. Тој  прв пат гостува во Македонија , а  неговите специјалитети ќе можат да се вкусат на  утрешната гала вечера  во ресторанот на „Su Hotel“.

-Да се подготви добра храна треба љубов и трпение. Ќе покажеме дека и со локални продукти може да се подготви извонредна храна. Иако нашите култури се различни, јас сум Италијанец и имам работено долго во Германија, но Македонија има одлични продукти па ќе направиме одлична комбинација. – рече Шеф Дијана.

 Претседателот на романската асоцијација на кулинари, кој исто така ќе биде дел од настанот  е шеф Раду Зарнеску .

-Ќе користиме исклучиво локални проддукти, бидејќи се бориме против антиглобализацијата на гастрономијата, која е најрепрезентативен показател на локалното население, нивните вредности и традиција. –  додаде Зорнеску.

Во рамки на  „Taste Ohrid 2018“, на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид,  попладнево ,  започнаа мастер класови за студентите и гастрономите од градот, и за менаџерите на угостителските објекти, на кои ќе се подготвува храна и модерни менија од локални продукти.

-Овој настан го нарековме големо гастрономско освестување. Целта е стекнување на искуства од врвни готвачи со Мишелин ѕвезди, со цел да се поттикне развојот на локалната гастрономија и да докажеме дека локалните продукти можат да се подготвуваат на модерен и атрактивен начин. – истакна професорката Ангела Василеска од Факултетот за туризам и угостителство – Охрид.

Меѓу специјалитетите кои ќе се подготвуваат на „Taste Ohrid 2018“, ќе биде „Охридска пастрмка во форма на Охридско Езеро“, „Јагнешко во боите на есента“.

 Во рамки на „Taste Ohrid“, викендов ќе се одржат две велосипедски тури  низ прекрасните предели на Националниот  Парк „Галичица“ и околу Охридското Езеро. Организатор на турите е  туристичкиот кластер ЕДЕН.

– Се продлабочува соработката на приватниот сектор со општината и ФТУ, клучните чинители во туризмот, за подобра иднина на сите нас. Туризмот го прават приказните и легендите, кои, на некој начин беа  запоставувани до сега, – рече Александар Јованоски, од кластерот ЕДЕН..

Настанот „Taste Ohrid 2018“ е организиран од Општина Охрид и ЕДЕН – туристички кластер за југозападна Македонија, а поддржан од Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост.

Прочитано:  444  пати
Објавено на: 12.10.18
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©