Во рамки на програмата на Академијата за добро управување, градоначалникот Јован Стојаноски, денес, го отвори меѓународниот семинар за планирање на развојот на единиците на локалната самоуправа и управување со општинскиот имот.
- Дозволете ми најнапред во мое лично име и во името на градот Охрид, да ви посакам пријатен престој и успешна работа на овој исклучително важен семинар,кој ги третира темите за успешен развој на единиците на локалната самоуправа. Развојот на општините, како примарни единици на непосредно остварување и практикување на демократските права на граѓаните, е од исклучително значење за поширокиот развој на заедницата. Во таа насока, обмисленото и одржливо планирање е condition sine qua non за општините, не само за секојдневното функционирање на општината и успешно сервисирање на граѓаните, туку и поглед кон иднината и одговорност за генерациите кои доаѓаат после нас, рече градоначалникот Стојаноски.
Семинарот е поддржан и организиран од германската политичка фондација Ханс Зајдел со седиште во Минхен, Баварија, бугарската асоцијација на општинските службеници од Софија и од меѓународната фондација Балкан Нет со седиште во Скопје.
Во текот на дводневниот семинар учесниците и предавачите од Бугарија и Македонија ќе разменат искуства и практики на темата „Стопанисување со општинскиот имот“ и ќе бидат презентирани примери за добро управување на локалната власт. |