Градоначалникот Јован Стојаноски, денеска ги прими децата од Центарот за
развивање на животни вештини БОБ-Црвен крст Охрид, кои на 18 март годинава
учествуваа и имаа брилијантен настап во Белград на првиот Национален
Бреинобреин натпревар „БОБ ФЕСТ Србија 2018“. На средбата, градоначалникот
Стојаноски им упати искрени честитки за успешниот настап на натпреварот во
Белград и додаде дека тие се вистински амбасадори на Охрид. Како
специјални гости во демо програмата на натпреварот, 22 деца кои го следат
деветтото и десеттото ниво на Бреинобреин програмата во центарот
БОБ-Црвен крст Охрид, се претставиле со мултимедијалниот перформанс „Грдото
пајче“ .
Тие, како што беше речено на средбата, ја воодушевиле
публиката, бидејќи на специфичен начин ги презентирале стекнатите вештини и
знаења за мултитаскинг и визуелно, без употреба на абакус, во исто време
пресметувале математички операции (собирање, одземање, множење и делење) на
двоцифрени и троцифрени броеви.Покрај долгиот аплауз од публиката, децата
добиле и посебни награди од организаторот и амбасадорката на Индија во
Србија.
|