Со настап на реномираната џез група „Форплеј“ во придружба на Македонска филхармонија, синоќа беше отворено 57. издание на „Охридско лето“. На отворањето покрај бројните гости присуствуваше и градоначалникот Никола Бакрачески, како и амбасадори и други јавни личности од политичкиот и културниот живот во Македонија.
Традиционално фестивалот го отвори претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.
- Веќе 57 години фестивалот „Охридско лето“ е дел од нашиот пат кон моќта на уметноста. По тој пат секоја година минуваат бројни уметници од Македонија, Европа и светот, кои несебично ја споделуваат својата креативност и го задоволуваат нашиот длабок копнеж по убавина, добрина и слобода. Оттука, нема подобар начин да го започнеме нашето патување освен преку џезот, чие второ име е слобода“, рече претседателот Иванов.
Фестивалската порака ја упади доаенот на македонското актерство, Мето Јованоски.
- Нека овој сценски простор биде духовен светилник од кој зрачи убавото, нека бидат благословени сите кои ќе настапат во овој свет храм над кој што бдее Св. Климент Охридски, потенцира актерот Јованоски.
Свое обраќање имаше и министерот за култура, Роберт Алаѓозоски, кој истакна дека и во иднина Министерството за култура ќе е главен поддржувач на оваа манифестација.
Овогодинешното издание на „Охридско лето“ се одржува под мотото „Патот до магијата“, а предвидено е да се одржат рекордни 57 настани.
Извор: www.ohrid.gov.mk |