На 25.04.2018 година во просториите на Локалната самоуправа –Охрид се одржа промоција на дигитален образовен ресурс МултиЗборко на која присуствуваа наставници од основните училишта на општина Охрид, представници од секторот за образование на Локална самоуправа Охрид и представници од ПЕ на БРО-Охрид. Проектот го промовираа представници на „Здружението за развивање и дигитализација на образованието и културното наследство ПРИЈАТЕЛИ НА ОБРАЗОВАНИЕТО” Марина Танасоска-наставник по информатика во ОУ ,,Григор Прличев,, Охрид и Офелија Петреска директор на во ОУ ,,Григор Прличев,, Охрид.
Проектот ,,МултиЗборко,, е реализиран со подршка на Фондацијата Отворено Општество - Македонија, а имплементатор на проектните активности е „Здружението за развивање и дигитализација на образованието и културното наследство ПРИЈАТЕЛИ НА ОБРАЗОВАНИЕТО” – Скопје.
Фокусот на проектните активности е насочен кон истакнување на позитивните импликации од користење дигитални образовни ресурси на мајчин јазик во секојдневната наставна практика во однос на поттикнувањето на креативноста и активното учество на учениците во наставниот процес.
Целта на овој проект е да се промовира партиципативен, економичен, колаборативен модел за развивање дигитален образовен ресурс на мајчин јазик, прилагоден на наставните програми во основното образование, за кој е спроведено и истражување- студија на случај во три основни училишта ОУ ,,Григор Прличев,, - Охрид, ООУ ,,Св. Кирил и Методиј,,- Прилеп и ООУ ,,Живко Брајковски,, Скопје.
Дигиталниот едукативен ресурс "МултиЗборко" е аудио визуелна повеќејазична едукативна апликација наменета за деца на возраст од 4 до 10 години како и за деца со посебни потреби, со која што на итерактивен начин ќе може да се стекнат со нови знаења и усвојување поими - именки, глаголи, фрази на 6 различни јазици: македонски, англиски, германски, албански, турски и ромски.
Дигиталниот образовен ресурс "МултиЗборко" претставува еден вид илустриран, интерактивен речник, во кој што поимите се претставени со соодветна илустрација, текстуално и звучно на шест јазици, така што освен стекнување знаења за одредени поими на мајчин јазик, децата истовремено ќе може да ги учат поимите и на друг јазик, со динамика која е прилагодлива на нивните лични афинитети и потреби.
Демо видео од Дигиталниот образовен ресурс МултиЗборко е достапен на следниот линк.
„Содржината на дигиталниот образовен ресурс МултиЗборко е единствена одговорност на авторите и грантистот и на ниеден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
|