Вршителот на должност градоначалник Константин Георгиевски денеска прими делегација од Пловдив, Р. Бугарија предводена од заменик градоначалникот Георги Горгиев. На протоколарната средба на која присуствуваа и нивните раководители на секторите за култура, млади и образование, Веселинка Балџиева и Пешја Шаркова и директорката на детската градинка „Борјана“, Станислава Беќарова се разговараше за зајакнување на соработката во делот на образованието и културата меѓу двете општини Охрид и Пловдив.
На средбата беше истакнато дека со оглед на тоа што Бугарија е веќе членка на Европската Унија ќе се користат нејзини искуства за едуцирање на луѓе и аплицирање на проекти пред европските фондови за добивање на средства.
Во насока на зајакнување на соработката ,делегацијата од Пловдив денеска ќе ја посети детската градинка „Јасна Ристеска“, а утре факултетот за туризам и угостителство. Гостите од Бугарија вечерва ќе присуствуваат на отворањето на културниот детски фестивал „Децата на Бугарија пеат и играат во Охрид “ кој завршува во четврток.
|