Градскиот фудбалски клуб „ Лихнидос“, со новото раководство и финансиската поддршка на Локалната самоуправа, како што беше речено на денешната прес конференција е подготвен за стартот на новата сезона во третата македонска фудбалска лига.
-Локалната самоуправа позитивно реагираше на иницијативите на спортски работници и граѓани за поддршка на градскиот фудбалски клуб и затоа Советот на општина Охрид, донесе одлука за финансиска помош. Искрено се надевам дека со нашата и помошта од бизнис заедницата, ќе придонесеме за враќање на сјајот на фудбалот во Охрид. Сите посакуваме клубот да има успешна сезона и да се пласира во втората фудбалска лига.До 2021 година, кога ќе се одбележува стогодишнината од формирањето на првиот фудбалски клуб во Охрид, уверен сум дека клубот „ Лихнидос“ ќе биде дел од елитата на македонскиот фудбал- рече градоначалникот Стојаноски.
Фудбалскиот клуб „ Лихнидос“ , на вонредното собрание што се одржа на 6 август, избра ново раководство. Претседател на клубот е Владимир Алексијески, секретар Крсте Попоски, Александар Мартиноски е спортски директор, а тренер е Марино Маркоски. Клубот има 25 играчи, подготовките се завршени, а првиот натпревар ќе се игра во недела против екипата од Велешта. |