Триесет и вториот Меѓународен атлетски маратон, на патеката од Св. Наум до Охрид, во должина од 30 километри, ќе се одржи на 8. Септември, Денот на независноста на Република Македонија. Подготовките за оваа врвна спортска манифестација, која е поддржана од Локалната самоуправа, се речиси завршени и се очекува успешна атлетска трка- беше соопштено на денешната прес-конференција на претставници на организациониот одбор на маратонот.
-Досега за учество на Меѓународниот атлетски маратон се пријавени 130 атлетичари, од Македонија, Србија, Црна Гора, Бугарија, Унгарија, САД, Велика Британија, Словачка и Кенија, а се очекува бројот на учесниците да се зголеми и да се надмине минатогодишниот рекорд од 147 атлетичари. Годинава за прв пат се организира и мала трка во должина од 5 километри, за која додега се пријавени 60 учесници- рече членот на Организациониот одбор Милчо Стефаноски.
Маратонската трка, како што рече членот на организациониот одбор Ристо Трајкоски, ќе започне во 9 часот од кај граничниот камен Ф1 во Св.Наум , а целта е пред Центарот за култура „ Григор Прличев“ . Првите маратонци на целта би требало да стигнат по 10 часот и 30 минути.Покрај судиите и екипите на полицијата и Црвен Крст, по целата должина на патеката ќе има распоредено и 50 волонтери.
Наградниот фонд за освоено прво место во машка и женска конкуренција е 700 евра, за второ 300 , а за трето место 200 евра. За македонските атлетичари за освоено прво место наградата е150 евра, за второ 100, а за трето место 50 евра.
Рекордот на патеката за мажи го држи Абел Кибет Роп од Кенија со резултат 1:34:58, а во женска конкуренција рекордот го држи Ребека Џепчирчир со резултат од 1:48:12. |