Проектот „ Регионот Охридско Езеро – безбедна туристичка дестинација за
авантуристички туризам“ , финансиран од Европската унија од ИПА 2 програмата
за прекугранична соработка, денеска беше промовиран во големата сала на
општина Охрид. Проектот, вреден 415.000 евра заедно ќе го имплементираат
Општинската организација на Црвен Крст од Охрид и Националниот центар за
животна средина,туризам и одржлив развој од Поградец од Република Албанија.
- Со овој проект Општина Охрид и поширокиот
регион околу Охридското Езеро, ќе добијат современ центар за спасување на
планина, со што се отвараат можности за развој на безбеден авантуристичкиот
туризам, кој е се попривлечен за странските туристи. Според нашите стратешки
определби за развој на туризмот во Охрид, со вакви и слични проекти ќе
се збогатува туристичката понуда, ќе се зголемува бројот на странските гости
и ќе се продолжи туристичката сезона. Центарот за спасување во планина ќе
биде опремен по најсовремени стандарди, со оперативен и тренинг центар,
простор за чување и одржување на техничките средства, специјално теренско
возило и обучен кадар според препораките на Меѓународната комисија за алпско
спасување.Со проектот се предвидува и изработка на посебна апликација за
паметни телефони која ќе овозможува брзо повикување помош при несреќи
на планина, лоцирање на повредениот и негово спасување.Имплементацијата на
проектот и формирањето на ефикасна служба за спасување на планина ќе
придонесе за промоција на Охрид и околината како модерна и безбедна
дестинација за развој на авантуристичкиот туризам.Во тој процес, според
проектните задачи, предвидено е организирање работилници со тур-операторите
и другите туристички работници кои преку разни форми оваа новина ќе ја
стават во нивната туристичка понуда- рече градоначалникот Д-р Јован
Стојаноски.
На презентацијата се обратија и Елвис Али од делегацијата на ЕУ во
Република Македонија, Ана Веруши од Регионалниот совет од Корча, Република
Албанија, претседателот на општинскиот Црвен Крст Сашо Точко и проект-
менаџерот Антонио Додевски.
|