Со настапот на охридскиот градски хор VOX LICHNIDOS под раководство на диригентот Бурим Хидри во саботата вечерта во Трпејца заврши седмото издание на културно – забавното лето „На зајдисонце“
Последниот ден од манифестацијата беше и најбогат. Освен прошетката по „Стариот турски пат“ кој ја поврзува Трпејца со Свети Наум попладнето се одржа Малиот пливачки маратон а со изложба беше заокружена и работилницата „Цртаме на зајдисонце“ со уметникот Слободан Пупиноски.
Годинава за прв пат во Трпејца под раководство на актерката Марија Новак се одржа четиридневна театарска работилница „Театар на отворено“ а како плод од неа беа изведени две едночинки работени по мотиви од народните приказни за Итар Пејо. - Децата од Трпејца покажаа невиден талент, вели Новак и се надевам дека кај некои од нив ќе расне желбата за актерството.
Вечерта во публиката беа и колешките на Марија популарните ликови од македонските народни приказни актерките: Шенка Колозова и Снежана Киселички.
Час потоа во избор и интерпретација на Марина Димовска – филолог од Охрид присутните уживаа во поетската реч посветена на Езерото и водата а напишана од бројни познати македонски и светски поети.
Во чест на поезијата а во соработка со НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид организаторите на присутните во публиката им подели голем број книги од охридски и македонски поети. И на тој начин е поддржана мисијата на библиотеката да е поблиску до потенцијалните читатели.
Во текот на деветте дена од манифестацијата беа одржани близу триесеттина настани кои го привлекоа вниманието на мештаните и туристите, со што организаторите од Здружението „За Трпејца со љубов“ се посебно задоволни.
Покровител на културно забавното лето „На зајдисонце“ беше Општина Охрид а годинава за прв пат делот од настаните од културата беше помогнат финансиски од страна на Министертството за култура на РМ.
|