Општина Охрид во заедничка соработка со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Македонија, учествува на една од најголемите меѓународни изложби за туризам на источен медитеран, во Истанбул, Турција.
Туристичките потенцијали на Македонија и Охрид како најпознат туристички центар, почнуваќи од 31.01 до 03.02.2019, ќе бидат претставени на една од петте туристички изложби ширум светот и на водечки туристички настан во Турција, саемот за туризам “East Mediterranean International Tourism & Travel Exhibition- EMITT”. Во обиколката на саемот, министерот за култура и туризам на Турција, Мехмет Ерсој во придружба на амбасадорот на Македонија во Турција, Звонко Муцунски, го посетија и охридскиот штанд.
На настанот се присутни повеќе од 1000 изложувачи, од 85 земји. Се очекува посетеност на саемот да надмине 54 000 посетители.
Саемот кој го соединува туристичкиот сектор на национално и меѓународно ниво секоја година дава одлична можност за воспоставување нови врски и партнерства, како и нови договори за соработка, развој на веќе постоечки деловни односи, стартување и промоција на нови производи и услуги, размена на информации со домашни и меѓународни туристички експерти.
Саемската манифестација секоја година има одлична медиумска покриеност со што на изложувачите им се овозможува зајакнување на врските со странските пазари, во насока на постигнување на бизнис целите.
|