Подготовките за најмасовната црковно – народна манифестација за „Богојавление – Водици“, што општина Охрид ја организира заедно со Дебарско кичевската епархија, се на самиот крај.
Финишираат подготовките за големиот христијански празник „Богојавление Водици“. Како и претходните години така и оваа, одбележувањето на празникот ќе биде во знакот на христијанскиот дух, без дополнително организирање на други пропратни забавни манифестации. Јавните претпријатија се активно вклучени во расчистување и уредување на просторот околу Градскиот плоштад, Градското пристаниште и Чаршијата, а од денес започнува и украсувањето на градот, изјави в.д. градоначалникот Константин Георгиески.
Претходните денови јавните претпријатија го исчистија снегот околу градското пристаниште, кејот и чаршијата и извршија нивелирање на оштетените делови од подлогата од каде влегуваат капачите, а изминатата недела нуркачите го исчистија дното на езерото каде ќе се спушта Чесниот крст.
Претседателот на координативното тело за организирање на празникот „Богојавление – Водици“, Љупчо Грданоски, истакна дека Црвениот крст од Охрид, ќе постави пунктови на кои ќе врши контролни прегледи на капачите и додаде дека во текот на утрешниот ден треба да пристигне и казанот во кој ќе се прави традиционалната рибна чорба за „Денот на рибарите“.
Самата прослава на празникот ќе започне со утринска богослужба во сите парохиски цркви, а во 08 часот ќе започне божествената литургија, а во 09 часот и 45 минути ќе тргнат литиите кон градското пристаниште каде што ќе се положи чесниот и животворен крст во водите на Охридското езеро. Централната богослужба и оваа година ќе биде во црквата Успение на Пресвета Богородица – Каменско, каде ќе чиноначалствува неговото правосвештенство митрополитот дебарско – кичевски господин Тимотеј, кажа Илија Ристески, претставник на дебарско – кичевската митрополија.
Пријавувањето на капачите започнува од утре во сите парохиски цркви, а на пријавените ќе им следуваат маици и брошури со насоки и програма за самиот празник „Водици“ и „Денот на рибарите“. |