Со дефиле на учесниците низ чаршијата и централното градско подрачје и целовечерен концерт на Националниот ансамбл на народни игри и песни „Танец“, вечерва во Охрид започна 57 издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри.
На свеченото отворање, учесниците и бројната публика ги поздрави градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски.
- Во овие охридски безвременски духовни простори, фолклорните ансамбли кои учествуваат на годинашното издание на Балканскиот фестивал, преку нивните настапи ќе презентираат делови од фолклорното наследство на нивните земји и региони преку кои уште еднаш ќе ја потврдат универзалната максима дека различностите се темел за градење на нови пријателства. Во колективната меморија на народниот гениј, преку усното творештво, песните, игрите и уникатната изработка на носиите и инструментите, низ вековите се чувал сопсвениот културен идентитет, а таа традиција успешно се негува преку настапите на фолклорните фестивали. Учесниците на Балканскиот фестивал на народни песни и игри и бројната домашна публика, но и посетителите од сите страни на светот, овие неколку дена, ќе го почувствуваат духот на древниот Охрид, градот на светлината, градот во кој секој оставал своја трага и приказна, градот во кој секој што дошол, сакал одново да биде дел од овој спокој и убавина. Да го споиме старото со новото, да ги споиме милениумското културно и природно наследство и сегашноста. Охридските сокаци, улици и плоштади, ќе се разубават со сјајот и колоритот на носиите, песната и играта на повеќе народи и региони, како знак на нивниот културен идентитет. Во тој дух, посакувам уште едно успешно издание на фестивалот и упатувам порака за почитување на различностите на Балканот како основа за едно ново современо единство – подвлече градоначалникот Стојаноски.
Фестивалот традиционално се одржува под покровителство на Собранието на Република Македонија,а со поддршка на Министерството за култура. Пред присутните пригодни обраќања имаа и Заменик претседателот на Собранието, Весел Мемеди и директорот на ЦК „Григор Прличев“, Стрезо Стаматоски.
Во текот на четирите фестивалски ноќи на сцената во ЦК „Григор Прличев“ ќе настапат повеќе културно уметнички друштва и фолклорни ансамбли од Македонија, Србија, Црна Гора и Албанија.
Во рамки на фестивалот во изложбениот центар на Центарот за култура беше отворена изложбата на влашки народни носии од колекцијата на Доц. м-р. Ванѓа Димитријева- Кузманоска.
Влезот за четирите фестивалски ноќи е слободен.
|