Пред спомен обележјето во атарот на црквата Света Петка во селото Велгошти, синоќа во организација на Месната заедница и општина Охрид, се одржа традиционалната културна манифестација „ Вечер на Живко Чинго“ .Годинешнава манифестација беше во знакот на одбележувањето на 30 годишнината од смртта на великанот , големиот македонски прозаист и драмски писател Живко Чинго.
-Со манифестацијата „ Вечер на Живко Чинго“ ја исполнуваме обврската за трајна почит кон творечкиот дух и великото дело на Живко Чинго.Нејзин централен дел е конкурсот за најдобар расказ, кој општина Охрид, традиционално го објавува секоја година, конкурс кој се издигна на врвот на македонските книжевни манифестации- рече заменик градоначалникот Ангел Јанев.
Жири комисијата во состав, проф.д-р Димитар Пандев, проф. д-р Наташа Аврамоска и писателот Славе Ѓорго Димоски, од 58 пристигнати раскази на анонимниот јавен конкурс, одлучи првата награда во износ од 30.000,оо денари да му ја додели на расказот „ Во рогот на волот“ од Блаже Миневски.Добитникот Миневски, кој не присуствуваше на свеченоста поради промоција на негов роман во Италија, испрати благодарност за добиената награда.
-Наградата што го носи името на нашиот прозен великан не е само големо признание за оној што ја добива туку и огромна одговорност за жирито што ја доделува. Постојат награди што траат покусо од делото што е наградено; награди што траат подолго од награденото дело но и награди што траат долго заедно со делото, како и делото заедно со наградата. Жирито е првиот жирант за долговечноста на наградата и награденото дело. Фактот што конкурсот за наградата „Живко Чинго“ трае долго, а наградените творби претставуваат репрезентативна антологија на македонскиот расказ, зборува за тоа дека жирито секогаш ја има предвид големата одговорност што ја носи името на наградата- напиша Миневски.
Беседа за великанот Живко Чинго одржа проф. д-р. Кристина Николовска.
-И еве не вечерва во родното Велгошти, очи во очи со вистината, овде, каде тој повел разговор со секој лист од оваа горда гора, каде го читал писмото на ѕвездите, каде си шепотел тајни со небото и каде што почнал да ја наслушува големата вода... И годинава се собравме сите,оттука, од каде што зачна неговата мисија, каде три децении, верно, го чествуваме неговиот подвиг- рече Николовска.
На почетокот на манифестацијата „ Вечер на Живко Чинго“ , на неговата биста свежо цвеќе положија делегации на општина Охрид, месната заедница, основното училиште,политички партии и здруженија на граѓани.Во културно- уметничкиот дел настапија флејтистката Кристина Лушкоска и КУД „Фолклористи“ од Лескоец.
Интегрален текст на беседата за Живко Чинго од проф. д-р Кристина Николовска:
БЕСЕДА ЗА ЖИВКО ЧИНГО
Не поведе кон вистината,
Не повика да го прочитаме ракописот на светлината,
Ни го покажа текстот на ѕвездите,
Ни се јави за да не запознае со писмото на душата
Не повика за да се разбереме дури и по илјада години
Ни го покажа текстот како благослов,
Ни го прати зборот како лек,
Не викна за да помалку не боли
Ни покажа дека знае што е мака и човештина,
Не поучи што е да прогледаме
И посонува заедно со нас, и посака да ни направи скали кон небото и кон Господ, и ни го покажа патот кон нашето небо, а секој негов благословен збор, се стори скала кон небесата и кон Господ
И и подаде рака на вистината, и на правината, и човештината...
И еве не вечерва во родното Велгошти, очи во очи со вистината,
овде, каде тој повел разговор со секој лист од оваа горда гора, каде го читал писмото на ѕвездите, каде си шепотел тајни со небото и каде што почнал да ја наслушува големата вода...
И годинава се собравме сите, оттука, од каде што се зачна неговата мисија,
каде три децении, верно, го чествуваме неговиот подвиг
Со него и само со него ја сетивме и ја вкусивме Големата вода. Сонот за големата вода.
Но и големото небо над саканата Македонија.
Оти и од светот тој сочини книга
Оти походот негов се зачна од љубовта кон ова живописие во Велгошти, оти патоказите кон спознанието му беа расфрлани и размножени како роса насекаде низ раскошното Велгошти...
Пораките не чекаат и овде... Оти и Велгошти е недосонуван сон и се уште отворена чингова книга
Великанот Живко Чинго е суштина на македонската литература и култура.
Неговата раскошна авторска „крошна“ се разгранува преку раскази, романи и драми. Скапоцени и неповторнливи, и во светски рамки се збирките раскази: „Пасквелија“, „Нова Пасквелија“, „Семејството Огулиновци“; романите: „Сребрените снегови“, „Големата вода“, „Ал“ и „Бабаџан“, и драмите: „Четирите прекрасни годишни времиња“, „Образов“, „Сурати“, „Работници“, „Под отворено небо“, „Кенгуров скок“.
* * *
И што се не ли не поучи скапоцениот Чинго?
Што е благодет,
што е празно небо, што е полно небо,
и како да го осмислиме
Водата – како сон, но и сонот како вода
Што е ѕид? Но, што има и зад ѕидот?
Што е душа?
Душата како мраз. Но и како да ја стоплиме душата
Страв. Што е страв?
И како да го победиме
Што е свест, што е разум?
Што е смисла.
Сон... И како да го оствариме?
Но и како да го препознаеме својот сон?
Тој ни предлага вака: „(...) како да добиваше реална смисла, како да беше можен, остварлив на некој начин овој чудесен, волшебен сон. Големата вода е недофатлива таа мора да е во срцето на човекот. Во неговиот сон.“
Што е мајка?
Како да ја почувствуваме, дури и кога ја нема.
Светлина.
Како да ја најдете светлината?
Та дури и во вода да ја барате,
„Тешко некој од длабоката вода да извадил светлост.“ – вели умниот, та преумен Чинго.
Така и ние вечерва, заедно, пробавме, дури од вода да извадиме светлина.
Што е среќа?
„(...) Проклет да бидам, колку малку требало човек да се почувствува неизмерно среќен, радосен, полн со слатки, занесни соништа.“ – вели Чинго.
Што е радост?
Што е прогледување, самосвест?
Што е пријателство, љубов, вистина?
* * *
Вечерва почитувани, вечерва сум искрено понесена од грандиозното Чингово дело, оти и оваа вечер како и во романот ремек-дело: „Уште истата вечер илјада нови отвори ѕиркаа кон Големата вода.“
И вечерва, драги сожители на Чинго и драги гости добронамерници, еден голем бран влезе во нас, како што ќе рече и самиот тој: „Таа ноќ еден бран влезе во нас, еден бран никој не ќе може да ни го земе. Тој бран останува во човека за сите векови, се колнам.“
И што можеме ние? Што можеме вечерва? Можеме ли и ние да бидеме писмо? Писмо до него? Писмо кое го добива од неговото родно Велгошти, од срцето на сред село, од средето на средето, од „срцевината“ на неговото родно Велгошти. Тука, прифатени од манастирот Св. Петка, тука, удостоени од потомците негови, но и од саканиците на неговото монументално дело, тука, од изворот на суштината, од срцевината на родното место на великанот...
Та и три децении по неговото упокоение, има што да не праша и тој, а има што да го прашаме и ние...
И така разговорот наш со него е долг и вечен, така и нашите внуци ќе поведат разговор со него, така и сонцето секој ден прашува за него, преку секој нов читател, преку секој оној на кого книжевното сонце на Чинго му е ѕвезда водилка, на патот.
Делото на Чинго е нашата суштина, нашиот глас кој не стига по илјадници години, наш разговор кој не чека од иднината, наш завет и наша совест...
Се поклонуваме вечерва, пред неговата спомен биста, под црквата Св. Петка, каде веќе три децении го чествуваме подвигот негов. Чингов.
Нека е благословен секој негов „резбан“ збор кој ни го прати како утеха и поучение и како благодет! Нека е вечен споменот на неговиот подвиг! И нека се слави неговиот монументален зафат во македонската и светската книжевност!
Извор: www.ohrid.gov.mk |