Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
НОВИ ФАКТИ ЗА ЖИВОТОТ И ДЕЛОТО НА КУЗМАН ШАПКАРЕВ
Untitled Document

Во рамките на одбележувањето на двојниот јубилеј -185 години од раѓањето и 110 години од смртта на Кузман Шапкарев, што го организираат Општина Охрид и НУ Библиотека „ Григор Прличев“ ,   денеска  за новите факти за животот и делото на познатиот македонски преродбеник, охриѓанецот Кузман Шапкарев, зборуваа професорката Татјана Дурнева и проф. д-р Томе Груевски. Одбрани делови од неговото богатото собирачко дело на народни умотворби, презентираа Елена Кецкароска и Петар Лекоски од ОСУ „ Св. Климент Охридски“

-Првите запишани наши народни умотворби датираат од 14 век, но периодот на романтизмот и културната преродба  во Македонија, во 19 век, е период на најголема  ангажираност на нашите културни работници  во собирањето и објавувањето на  нашето народно творештво. Собирачката дејност на Кузман Шапкарев  траела околу три децении.Собирал најмногу македонски народни умотворби , но и од другите балкански народи- рече професорката Татјана Дурнева. Таа појасни дека покрај собирањето и публикувањето на народните умотвори  големиот Шапкарев во нив имал редакторски и стилизаторски  зафати, со што се вредуваат во почетоците на македонизмот.

-Со своите журналистички текстови по нивната бројност и значење Шапкарев е на рангот на Рајко Жинзифов и Јордан Константинов-Џинот. Припаѓа на генерацијата  на Константин и Димитар Миладинов, Партенија Зографски, Григор Прличев, Ѓорѓија Пулески, Марко Цепенков, Рајко Жинзифов, Јордан Хаџи Константинов, Ѓорче Петров и други наши предбеници- истакна проф. д-р Томе Груевски, притоа соопштувајќи досега непознати поединости за богатата журналистичка дејност на Шапкарев.

Вечерва, во рамките на манифестацијата, во НУ Библиотека „ Григор Прличев“ , со почеток во 18 часот, по повод  60 години живот и 40 години од излегувањето на првата книга „ Гравири“ од Славе Ѓорѓо Димоски , ќе биде промовирано дополнетото изание на неговиот поетски првенец. За творештвото на Славе Ѓорго Димоски ќе беседи  проф. д-р Димитар Пандев.

 

  • Интегрално обраќање на проф. д-р Томе Груевски (преземи тука...)

Прочитано:  136  пати
Објавено на: 18.03.19
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©