На вонредната седница на Советот на општина Охрид, што беше закажана на предлог на Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, денеска се расправаше за состојбата со плашиците во каналот Студенчишта, по вонредните околности кои доведоа до помор на плашиците- мерки и активности кои се превзедоа и треба да се превземат.
По расправата советниците едногласно ги донесоа следните заклучоци:
-Се задолжува Градоначалникот на општина Охрид да се обрати до Министерството за екологија, со барање за превземање на превентивни мерки и активности со цел спречување на поморот на плашици во иднина;
-Се задолжува Градоначалникот на општина Охрид да побара од ЈНУ Хидробиолошки институт Охрид информација со цел добивање насоки за препорачани и дозволени флуктуации на нивото на езерото и превземање на конкретни мерки во оваа насока;
-Се задолжува Градоначалникот во соработка со ЕЛЕМ Македонија да покрене иницијатива за формирање работна група која ќе даде писмени препораки за надминување на постојната состојба и иницирање на измени на постојната законска регулатива од оваа сфера;
-Се задолжува Градоначалникот согласно позитивните правни прописи да превземе мерки за добивање на дозвола за мелиоративен риболов од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство;
-Се препорачува на надлежните служби да извршат ископ, проширување и продлабочување на каналот Студенчишта.
Градоначалникот Јован Стојаноски рече дека Локалната самоуправа неколку дена пред да се случи угинувањето на околу 500 килограми плашица писмено ги предупреди надлежните институции да преземат мерки, а количините на угинатата риба беше намалена бидејќи беа преземени низа активности во кои беа вклучени Јавните претпријатија „ Водовод“ , „ Нискоградба„ и „ Охридски комуналец“ .
Според градоначалникот Стојаноски, вакви и слични незгоди нема да има по донесувањето на Планот за управување со Охридскиот регион , кој сега е во нацрт- верзија. Во планот прецизно ќе се регулираат обврските на сите субјекти кои се одговорни за долгорочно и ефикасно управување со природното и културното богатство на Охридскиот регион.
|