Во рамките на проектот „Од 20-ти до 20-ти СИТЕ ВО ОХРИД“ денеска беше отворена изложбата на фотографии од Охрид во голем формат.
Станува збор за дела на 12 вљубеници во градот под Самуиловата тврдина, кои со својот фотоапарат успеале да забележат неколку заробени моменти од вечната убавина на Охрид.
Изложбата за отворена ја прогласи претседателката на Советот на општина Охрид Живка Ангелоска, која истакна дека преку делата имаме ретка можност духот и убавините на древниот Охрид да ги почувствуваме од друг агол. Фотографиите не импресионираат нас, кои живееме во овој древен град, а замислете какви чувства предизвикуваат кај луѓето кои не го посетиле Охрид, рече Ангелоска.
- Изложените фотографии ни ја потврдуват синтагмата дека една слика заменува илјада зборови. Преку нив, секој на свој начин ја доживува убавината и мистичноста на Охрид, која преку објективите ги заробиле авторите на фотографиите, истакна Ангелоска.
Автори на фотографиите се: Петар Паунче, Игор Полкап, Игор Нически, Димче Коруноски, Емил Јовановиќ, Димитар Чавкулоски, Антонио Стаматоски, Кирил Димов, Петар Боев, Томе Љушев, Маријана Пипилева и Даниел Јовески.
– Охрид е премногу инспиративен, има прекрасни места за сликање и едноставно неисцрпна инспирација за уметност. Голема благодарност до Супер радио што успеа на некој посебен начин да ја долови убавината на Охрид од еден друг агол, рече фотографот Петар Паунче.
– Охрид е многу инспиративен. Дури и секојдневно да ги сликате истите мотиви, градот е секогаш различен, има прекрасни моменти за фотографирање. Благодарност до Супер радио и Општина Охрид што ја заживеа оваа прекрасна иницијатива, рече еден од авторите Димче Коруноски.
Покрај изложбата, на посебно прилагодениот простор позади споменикот на Св. Климент на Градскиот плоштад започна и Фестивалот на графити и модерна уметност. |