Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески заедно со директорите на
охридските јавни претпријатија вечерва присуствуваше на хуманитарниот
концерт во ЦК „Григор Прличев“ што се организира со цел
да се соберат парични средства за лекување на малиот Кирил Митрески кој
боледува од редок вид на рак на примарниот мозок.
Непосредно
пред концертот, градоначалникот Бакрачески упати апел до сите охриѓани и
општествени чинители во наредниве денови активно во рамки на своите
можности да се вклучат во преостанатите хуманитарни активности
со цел што поскоро да се соберат потребните средства за лекување на Кирил.
-Детскиот живот нема вредност на пари , ниту неговата вредност
може да се изрази со зборови или пишувани дела. Она што треба да го
направиме денес е сите да присуствуваме на овој хуманитарен концерт, да
помогнеме сите во рамки на своите можности, бидејќи времето не работи многу
во наша полза. Потребно е за релативно краток период да се соберат
потребните средства за лекување на малиот Кирил во Телавив - Израел.
Се надевам дека на овој концерт како и на останатите хуманитарни
активности кои ќе бидат наредните денови охриѓани ќе ја дадат
максималната поддршка за ваква хумана активност. Ја користам оваа прилика да
упатам апел до сите граѓани на Охрид сите во рамки на своите можности да
партиципираат за да се собере потребниот износ за лекување, рече
градоначалникот Бакрачески и посочи дека и општината ќе издвои одредени
средства кои ќе бидат наменети за спас на нашиот мал сограѓанин.
- Ние како Локална самоуправа во текот на утрешниот или
наредните два дена ќе се состанеме, ќе одредиме сума на парични средства
коишто верувам дека значително ќе придонесат за да се собере бараната сума
за лекување- истакна градоначалникот Бакрачески.
На вечерашниот хуманитарен концерт пред бројната публика во Центарот
за култура настапија музичарите, Емилија Маринова, Горан Папаз, Филип
Стојковски, Ѓоко Танески, групата Камелеон како и актерите, Стрезо
Стаматоски и Никола Тодороски. Хуманитарен концерт синоќа се одржа и во кафе
бар „Ликвид“ а средства за спас на Кирил може да се донираат и на
телефонските броеви: 070/143-153 и 075/077/143-462.
Кирил е
единаесетмесечно бебе. Тој е прво и единствено дете на Горан и Марија и е
нивна најголема радост. На Кирил неодамна му е дијагностициран тумор на
мозокот, односно rhabdomyosarcoma, редок вид на рак во примарниот мозок. За
понатамошно лекување, Кирил треба да биде однесен во Тел Авив, Израел за
операција на примарниот мозок за да се третира тумор. Родителите на Кирил
имаат многу ограничени средства и имот и истите ги заложуваат во борбата за
Кирил, но нивните средства се далеку од доволни. Третманот за Кирил изнесува
околу 80.000 долари.
Извор: www.ohrid.gov.mk |