Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРА ЕЛИЗАБЕТА КАНЧЕСКА-МИЛЕВСКА ВО РАБОТНА ПОСЕТА НА ОХРИД
Untitled Document

Градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески денеска во својот кабинет имаше работна средба со  Mинистерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и со директорите на националните установи од областа на културата во Охрид.

На средбата се разговараше за сите досегашни проекти кои во изминатиот период со поддршка на Владата на РМ беа реализирани во Охрид, но и за интензивирање на активностите кои што ќе следат во наредиот период.

Министерката Канческа-Милевска ја изрази својата увереност дека со добрата соработка и координација со локалната самоуправа во Охрид ќе се реализираат уште многу нови проекти од областа на културата со што ќе се направи еден силен исчекор на културен план, Охрид да живее во текот на целата година, а не само во летниот период. Градоначалникот Бакрачески од своја страна истакна дека, локалната самоуправа во координација со националните установи од Охрид, на конкурсот на Министерството за култура за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2014 година, кој трае до 20 јули, ќе достават добро конципирани проекти преку кои ќе се даде силен импулс и нов квалитет во културното живеење на Охрид. Канческа-Милеска најави дека, покрај останатите проекти, преку Заводот за заштита на спомениците и музеј Охрид во тек е изработката на проектите на покривање на сцените на Античкиот театар и Долни Сарај со монтажно-демонтажни покриви.

Канческа-Милевска и Бакрачески денеска ја посетија и Куќата на Ајри Доко, каде е завршена третата фаза од конзервација на овој значаен споменик на културата, а присуствуваа и на промоцијата на Куќата на Бојаџиеви, лоцирана во непосредна близина на Античкиот театар, каде во изминатиот период беше завршена реконструкцијата на фасадата и на внатрешноста на овој автентичен примерок на стара градска охридска архитектура.
Реализацијата на реставрацијата на оваа значајна споменичка целина е во рамките на поширокиот проект за обнова и конзервација на повеќе фасади во градските јадра кој започна минатата година, а чија што цел е заштита и промоција на културното наследство и споменичната архитектура која ја поседува нашата земја.

Градоначалникот Бакрачески во изјава за медиумите, изрази цврсто уверување дека грижата за зачувување на уникатноста на охридската архитектура и традицијата во градењето, посебно во стариот дел на градот, ќе бидaт  врвните приоритети на локалната самоуправа.

- Во таа насока можам да ве уверам дека институциите кои работат во тој дел ќе водат максимална грижа. Во координација со Министерството за култура ќе дадеме се од себе да уште поголем број на локалитети во старото градско јадро ги опфатиме со програмата за реконструкција и санација на истите и зачувување на уникатноста на архитектурата, изјави Бакрачески кој на директорите на националните културни институции им вети подршка за културен развој на градот и помош во реализацијата на крупните проекти.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1254  пати
Објавено на: 23.06.13
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©