Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ВО ОХРИД СЕ ОТВОРИ КОНЗУЛАТОТ НА Р.СЛОВЕНИЈА ВО Р. МАКЕДОНИЈА
Untitled Document

На пригодна свеченост  на која присуствуваа градоначалникот Никола Бакрачески , амбасадорот на Р. Словенија во Р. Македонија ,Н.Е. Бранко Раковец,  министри и заменици министри во Владата на Р. Македонија како и претставници од  бизнис  и политичкиот живот   во  државава, синоќа  беше отворен  конзулатот на Република Словенија во Охрид.

Посакувајќи му успешна работа на Почесниот конзул на Р. Словенија во Р. Македонија,г-дин  Шенол Ислам, градоначалникот Бакрачески поздравувајќи ги присутните се осврна на значењето од отворањето на вакви претставнички тела.  

- Големо е задоволството да се присуствува на овој свечен чин на отворањето на конзулатот на Република Словенија во Охрид, со кој верувам уште повеќе ќе ги продлабочиме одличните односи со пријателска Словенија. Македонија и Словенија споделуваат  многу заеднички историски, економски, културни и политички врски кои со работата на почесниот конзул г. Шенол Ислам, убеден  сум дека ќе бидат подигнати на повисоко рамниште. Господинот Ислам, како роден охриѓанец и бизнисмен ќе знае не само да ја промовира Република Словенија, туку и својот Охрид  да го доближи уште повеќе до словенечките граѓани. Почитувани, Охрид покрај својата историска и  светска препознатливост како природно и културно богатство, со отворањето на словенечкиот конзулат,трет, по конзулатите на Република Полска и Република Турција, полека но сигурно станува алтернативна резиденција за дипломатските претставници во нашата земја, што нам како охриѓани ни причинува посебно задоволство. Верувам дека работата на конзулатот во Охрид, ќе придонесе да се искористат словенечките искуства во приближувањето на Македонија во евроатланските интеграции, а Охрид ќе стане привлечен за словенечките инвеститори и препознатлива туристичка дестинација за словенечките граѓани, рече градоначалникот Бакрачески.

Во име на министерот за надворешни работи на Словенија , Карл Ерјавец, на присутните им се обрати словенечкиот амбасадор во земјава , Бранко Раковец.

- Во оваа прилика би сакал да нагласам дека Словенија и Македонија во изминатите години  успеаја  да изградат пријателски односи кои се базираат на меѓусебното почитување и доверба. Позитивниот развој на односите меѓу нашите држави сакаме и понатака да продолжи , бидејќи Македонија е наш важен политички и економски партнер . Како што ви е познато, Словенија останува цврст поддржувач на македонскиот напредок на патот кон евроатланските интеграции. Притоа би сакал да ја нагласам важноста на почитувањето на демократските стандарди, човековите права, мултиетничкиот карактер на државата и владеењето на правото, кои имаат клучно значење за зачувување на стабилноста  и потребниот напредок на Македонија  на патот кон евроатланските интеграции. Убеден сум дека новиот почесен конзул во Македонија, господинот Шенол  Ислам, успешно ќе ги јакне и проширува контактите меѓу двете пријателски држави и дека со својот углед  значајно ќе придонесе за зајакнување на меѓу културните, меѓучовечките  и економските врски меѓу Словенија и Македонија- истакна амбасадорот Раковец . 

Заменик министерот за надворешни работи на Македонија, Драгана Кипријановска истакна дека несомнено отворањето на конзулатот е уште една верна афирмација и  потврда на долгогодишното  пријателство и стабилни односи  меѓу двете земји како и готовност за јакнење на соработката помеѓу населението, бизнис партнерите и  во сите можни сфери од заеднички интерес на Словенија и Македонија.

- Република Македонија цврсто стои на своите определби за европско и евроатланско интегрирање. Во оваа насока дозволете ми уште еднаш да ја потврдам нашата готовност  за што поскоро приклонување кон евроатланските процеси. Во таа насока ја поздравуваме политиката на отворени врати на Европската Унија и на НАТО со кои Република Словенија цврсто се залага- подвлече заменик министерката Кипријановска.    

Почесниот Конзул на Р. Словенија во Македонија, Шенол Ислам ги посочи обврските кои во иднина го очекуваат во насока на зацврстување на успешната соработка помеѓу Македонија и Словенија.

- Интерес на конзулатот  на Република Словенија во Охрид ќе биде и областа на туризмот кој претставува голем двигател на современите економии, преку кој ќе се овозможи промовирање на културните вредности и природните богатства на двете земји. Заедно со Амбасадата на Република Словенија во Скопје, конзулатот на Република Словенија во Охрид го комплетира претставувањето на Словенија како наша пријателска држава и овозможува непосредна и комплетна соработка во сите области од заеднички интерес- истакна Почесниот конзул  Ислам.

 Почесниот Конзулат  на Словенија е третото конзуларно претставништво кое се отвора во Охрид, каде што во моментов функционираат почесните Конзулати на Турција и на Полска.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1361  пати
Објавено на: 12.07.15
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©