Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
СВЕЧЕНО ОТКРИЕНО СПОМЕН -ОБЕЛЕЖЈЕТО ЗА ВОДИЦИ
Untitled Document

Градоначалникот  на Охрид Никола Бакрачески, денес  на градското пристаниште присуствуваше на  свечената манифестација на која  со верска церемонија пред број граѓани, официјално беше откриено спомен обележјето „Фаќач на крст“ посветено на верскиот празник Богојавление – Водици.

Ова спомен обележје , на самиот брег од нашето езеро непосредно до местото каде илјадници граѓани секоја година чекаат да видат кој ќе го извади крстот од езерото е симболизација на верата православна  и богољубието, но и на душата охридска која ја сочувала оваа вековна традиција  на фрлање на крстот за Водици низ вековите, од кои поголемиот дел биле мрачни за Црквата праволавна. Неговото поставување ќе е вечен потсетник на славните охриѓани кои го извадиле крстот  од езерото по возобновувањето на манифестацијата, но и на оние кои низ годините кога било забрането тоа да се прави, верни на верата и црквата тоа го правеле тајно, или во раните мугри пред зората да го раздени градот. Ова обележје ќе биде и своевиден раскажувач на оваа православна охридска традиција  и пред сите патници и намерници  кои доаѓаат во Охрид во останатите дни, пред и после Водици, истакна  во своето обраќање градоначалникот Бакрачески.     

Спомен –обележјето за Водици  е дар за Охрид и охриѓани од   кумот на Водици од 2012 година, проф. д-р Ванчо Чифлиганец.

- Идејата за подигнување на спомен- обележјето датира од манифестацијата Водици во Охрид- 2012, кога по изборот од страна на Здружението “Богојавление“ да бидам првиот кум на Водици што нема охридско потекло, сакав за довербата да возвратам со донација на нов траен симбол со кој ќе се овековечи значаен празник на брегот на Охридското Езеро, каде што е распослан балканскиот Ерусалим- Охрид Богојавленската радост со кумството беше круна на благословот  од традиционалното капење на Водици во осветените охридски води неколку години по ред , што и донесе среќа и бериќет на мојата фирма Адора Инженеринг, на вработените, на моето семејство и на пријателите, рече Чифлиганец.    

Откривањето на новото спомен обележје беше симболично официјализирано со сечење лента од страна на донаторот, градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески и претседателот на здружението „Богојавление“, Љупчо Арнаудов.

Спомен обележјето  “Фаќач на крст “ е дело  на  академскиот скулптор м-р Ангел Коруновски од Велес. Скулптурата е излеана  во бронза , висока три метри и е  поставена на релјефен постамент со рано христијански и богојавленски мотиви.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1315  пати
Објавено на: 05.07.14
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©