Свеченостите по повод одбележувањето на 7 Ноември- Денот на ослободувањето на Охрид, започнаа денес претпладне во Спомен- паркот на Револуцијата, каде повеќе делегации положија свежо цвеќе, а се обратија претставници на Општина Охрид и Општинската организација на Сојузот на борците од НОАВМ.
-Овде во Спомен паркот на Револуцијата со пиетет им ја оддаваме нашата искрена почит на сите храбри борци кои учествуваа во Народноослободителната антифашистичка војна во Македонија, особено на оние кои ги дадоа своите животи на олтарот на слободата. Со крв спечалената слобода, нас и идните генерации не обврзува да ги почитуваме слободарските традиции и да ја чуваме и развиваме нашата татковина Република Македонија.
Одбележувајќи 72 години од ослободувањето на Охрид, еден од најсветлите историски датуми порачуваме дека ќе продолжиме да го реализираме заветот на генерациите пред нас и ќе го градиме и чуваме нашиот град. Тоа како и досега ќе го правиме со целосна посветеност, свесни дека секојдневно сме исправени пред нови предизвици кои придонесуваат за се поширока афирмација на Охрид во нашето окружување во Европа и Светот.
Работиме на подобрување на условите за живеење на граѓаните, инвестираме во образованието, културата, економскиот развој и другите области, а посебно на промоцијата на Охрид, како атрактивна туристичка дестинација. Правиме се Охрид и Охридското Езеро,кои како светско природно и културно наследство се заштитени од УНЕСКО, да го задржат и да го унапредат овој престижен статус, а паралелно да се надоградува стратегијата за одржлив економски развој. Ве уверувам дека актуелната Локалната самоуправа како одговорна власт, макотрпно и посветено работи да придонесе и да остави белег во современиот развој на Охрид- рече во обраќањето замен градоначалнкот Ангел Јанев.
Во името на Општинската организација на Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичка војна пред присутните зборуваше председателот Гоце Ѓоргиевски.
-Наша света должност е да ја сочуваме тешко стекнатата слобода. Долг е на денешните и утрешните генерации да ја зачуваат тешко спечалената, со многу крв, саможртви, труд и самопрегор, слобода и државата, да имаат критички поглед кон минатото, ама и да се гордеат со него и со достигнатото, со што ќе ги надраснуваат и надградуваат слободата и државноста со нови демократски, економски, културни и општествени вредности за да Македонија ги достигне европските висини на земја со достоен и благодетен живот за своите граѓани.Прославувајќи го овој ден и сеќавајќи се на жртвите, ние со почит и благодарност се поклонуваме пред олтарот на сите паднати борци за слободен Охрид, за слободна и самостојна Македонија- истакна Ѓоргиевски.
Делегации на Општина Охрид, Сојузот на борците од НОАВМ,политичките партии и невладините организации положија свежо цвеќе и на спомен обележјето на Јасна Ристеска, каде се одржа и панахида и настапија дечињата од детската градинка која го носи нејзиното име.Свежо цвеќе делегациите положија на Споменикот на паднатите борци во градските гробишта, споменикот на Петре Пирузе пред Основниот суд, споменикот на Мите Богоевски пред СОСУ „ Св.Кирил и Методиј“ како и спомениците на Андон Дуков и Спас Банџов во градскиот парк.
Извор: www.ohrid.gov.mk |