На охридскиот аеродром ,,Свети Апостол Павле’’ вчера попладне пристигна првата група израелски туристи кои од Тел Авив слтаа со чартер-лет на израелската авиокомпанија „Аркиа“.
Градоначалникот на Охрид , Никола Бакрачески истакна дека воведувањето на новите летови значат нов импулс за охридскиот туризам.
„Денес сум особено радосен поради воспоставувањето на овој лет бидејќи со државата Израел не врзуваат драги спомени. Имам блиски пријатели и другари кои живеат во Израел, но и Израелци кои живеат во Р. Македонија. Претпоставувам дека со воведувањето на овие чартер летови три пати во неделата, ќе имаме можност нашите пријатели и другари да ги гледаме почесто на охридското крајбрежје оваа година. Со тоа уште еднаш се потврдува определбата на Локалната самоуправа, на Владата на Р. Македонија и на менаџментот на ТАВ Македонија за воспоставување на нови линии кон охридскиот аеродром кој ќе дадат нов импулс за охридскиот туризам“, рече Бакрачески, додавајќи дека трендот нема да запре тука и Охрид ќе брои се повеќе туристи од година во година.
Од ТАВ Македонија велат дека се задоволни што овие чартер-летови кои беа најавени лани почнуваат да се реализираат, а се резултат на активностите на ТАВ холдингот од Истанбул за привлекување на нови авиокомпании и тур-оператори на охридскиот аеродром.
Во вторник на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ авионот на Аркиа ќе слетува во 16:30 часот, а ќе полетува во 17:30 часот, во четврток – ќе слетува во 18:40 часот, а ќе полетува во 19:55 часот и во недела – во Охрид ќе слетува во 19 часот, а за Тел Авив ќе полетува во 20 часот.
„Со првиот лет на авиокомпанијата Аркиа за Охрид се отвора нов туристички коридор меѓу Израел и Македонија, можност ценетите гости од Израел да се запознаат со природните убавини на Охридското езеро и воопшто на Македонија и со културните знаменитости, како што често знаеме да кажеме, на македонскиот Ерусалим. Се разбира тука е и можноста да ја вкусат македонската храна и македонските вина, како и да ги почувствуваат гостопримството и љубезноста на нашите луѓе“, изјави Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.
Од аеродромскиот оператор објаснуваат дека почнувајќи од денеска, 9. јуни, Аркиа ќе лета три пати неделно на релација Тел Авив-Охрид и назад, се до 23 октомври, и тоа секој вторник, четврток и недела.
Од ТАВ Македонија велат дека летово на аеродромот „Св. Апостол Павле“ се очекува да долетаат 50 чартер-летови од Тел Авив со авиокомпанијата Аркиа, кои во периодот јуни-октомври во градов треба да донесат 5.500 израелски туристи.
„Во името на Аркиа чест ми е да бидам денес тука, во убавата Македонија, со првата група туристи од Израел. Како втора најголема авиокомпанија и еден од главните тур-оператори во државата, Аркиа секогаш е во потрага по нови дестинации за израелскиот пазар, а ние веруваме дека Македонија, со сите нејзини природни богатства, историја, гастрономија и згора на сè на прекрасните луѓе, за кратко време ќе стане една од бараните дестинации за одмор на Израелците. Аркиа е благодарна на аеродромските власти и на локалниот туристички одбор за прекрасниот дочек и за помошта и поддршката при воспоставувањето на линијата меѓу Тел Авив и Охрид“, изјави Анат Ахаром, потпретседател за продажба и маркетинг на Аркиа Интернешнал.
Аркиа прв пат на охридскиот аеродром леташе во 2011 година, но тогаш се реализираа само неколку летови. Од менаџментот на ТАВ Македонија очекуваат обновената соработка со израелската авиокомпанија да продолжи и во наредните години, редовно носејќи израелски туристи во македонскиот туристички бисер – Охрид.
Со чартер летовите од Тел Авив, со редовните летни чартер-летови од Амстердам и трите редовни линии кон Лондон, Базел и Цири како и со новите авио линиии Белград- Охрид и Брисел -Охрид се очекува значително зголемување на туристичкиот промет во Охрид. Извор: www.ohrid.gov.mk |