Со орагизирање на на „ Маршот на мирот“ , претставници на Општинскиот одбор на Сојузот на борците од Народно ослободителната антфашистичка војна и поддржувачите на слободарската традиција, општина Охрид, политичките партии, Советот на млади, Црвен Крст, невладините организации, основните училишта и бројни граѓани, денеска свечено беше одбележан 21 септември „ Меѓународниот ден на мирот“ . Учесниците на маршот тргнаа од пред старата дирекција на "Гранит" , а централното одбележување се одржа на плоштадот „ Св.Климент Охридски“.
Пред присутните, беше прочитана пораката на Генералниот секретар на ООН Бан Ки- Мун, во која меѓу другото се вели: „ Денес го славиме Меѓународниот ден на мирот. Секоја година, по овој повод,Организацијата на обединетите нации повикува на прекин на огнот насекаде во светот. Бараме од борците да го положат оружјето, за да секој од нив го почуствува мирисот на мирот“ .
-Овој ден,од овој собир, од ова место, од Охрид, од Република Македонија, сите ние се придружуваме кон милиони луѓе од целиот свет, со единствена намера да испратиме силна и јасна порака за мир, која е постојана, единствена и вечна- човештвото да оствари барем еден ден без војна и насилство- рече заменик- градоначалникот Ангел Јанев.
Потпретседателот на Општинскиот одбор на Сојузот на борците од општините Охрид и Дебарца, Никола Стефаноски рече дека сите треба да се приклучат кон повикот за мир. „ Луѓето знаат, но ние сепак порачуваме дека мирот е подобар од војната. Луѓето знаат дека љубовта е подобра од злобата, но љубовта е возможна само во мир.Луѓето знаат дека животот е подобар од смртта, но животот е можен само во мир“ – рече Стефаноски.
Одбележувањето, со свои настапи го збогатија учениците од основните училишта, Охридскиот театар и учесници од детскиот фестивал „ Распеано рибарче“ .
Извор: www.ohrid.gov.mk |